
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски сподели дека утрово присуствувал на свечениот прием на првачињата во ООУ „Наум Наумовски-Борче“.
„Денес, училишниот праг за првпат го пречекорија нашите најмлади ученици – со насмевки на лицата, со ранчиња на грбот и со безброј детски соништа во срцата. Драги првачиња, пред вас започнува едно прекрасно патување исполнето со нови знаења, искрени другарства, радосни мигови и незаборавни спомени. Училиштето не е само место каде што ќе научите да читате, пишувате и сметате – тоа е вашиот втор дом, во кој ќе растете, ќе созревате и ќе ги откривате своите таленти. Ви посакувам секој училиштен ден да го започнувате со радост, љубопитност и желба за учење. Бидете вредни, храбри и упорни, почитувајте ги своите наставници, помагајте им на другарчињата и никогаш не престанувајте да верувате во себе и во своите соништа“, вели Стефковски во објава на социјалните мрежи.
Како Општина Гази Баба, градоначалникот нагласи дека ќе продолжат силно да вложуваат во образованието, во подобри услови за настава и во создавање училишта во кои секое дете ќе се чувствува безбедно, прифатено и мотивирано да напредува.
„Нека првиот училиштен ден остане засекогаш запаметен како почеток на едно прекрасно поглавје исполнето со знаење, другарство и многу успеси. Среќен почеток, драги првачиња“, порача Стефковски.