Стефковски: Се решаваат проблемите со водоснабдувањето во Раштак

Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денес беше во посета на населеното место Раштак каде што завршија градежните работи за поврзување на изградената бушотина со бунарите од кои населеното место добива вода.

-Се решава проблемот со водоснабдувањето на Раштак!  Поставена е и потопна пумпа од докажано квалитетен европски производител и истата е спуштена на 60 метри. Завршија и градежните работи во кои се изгради нова водоводна линија од 350 метри. Дополнително по скоро пет години повторно е ставена во функција пречистителната станица, информираше Стефковски. 

Изведувач на градежните работи е ЈКП Гази Баба.

-Имајќи предвид дека е потребно да се обезбедат и нови капацитети на вода со ребалансот на буџетот обезбедивме нови средства за изградба на нова бушотина и нови пумпи. Се интензивираат работите за решавање на водоснабдувањето на Раштак, а во следниот период ќе започнат градежните работи за подобрување на водоснабдувањето и на Брњарци. Кога се работи со план и визија нема проблем за кој нема решение. Заедно со граѓаните продолжуваме да ја менуваме Гази Баба на подобро, напиша Стефковски.