Стефковски: Потребно е итно решение за дивата депонија Вардариште

Градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски заедно со заменик градоначалникот на Аеродром Дејан Митески, началникот на СВР Скопје Сашо Топаловски, командирот на полициската станица од општа надлежност Гази Баба, Саше Стоилевски и припадници на МВР ја посетија дивата депонија Вардариште по вчерашниот пожар.

Стефковски вели дека реакциите на граѓаните се оправдани и побара разбирање поради ограничените надлежности а постапување кое тој ги има како градоначалник на Гази Баба.

„Ги прочитав сите коментари, објави и слично, но барам разбирање од граѓаните за ограничените надлежности за постапување кои ги имам јас како градоначалник, а и општина Гази Баба како локална самоуправа. Општо познато е дека дивата депонија Вардариште е во целосна надлежност на Градот Скопје за што апелирам и барам од градоначалничката Данела Арсовска да издаде задолженија за реализација на своите надлежности.

Согласно моите надлежности ги задолжив:

1.Секторот за инспекциски работи да продолжи да работи во две смени со зголемување на работното време во втората смена до 22:00 часот;

2.Секторот за инспекциски работи задолжително во текот на работното време и во втората смена да врши постојан надзор на дивата депонија Вардариште;

3.Секторот за инспекциски работи и Секторот за правни работи во текот на денешниот ден да изготват и до Основното јавно обвинителство Скопје да поднесат Иницијатива за покренување на кривична постапка против непознат сторител за загадување на амбиенталниот воздух, а очекувам Обвинителството преку превземање на истражни дејствија да дојде до сторителите и истите да бидат најстрого санкционирани;

4.Во текот на денешниот ден ќе биде испратено барање за постапување до инспекторатот при Градот Скопје во кое ќе побараме постојано дежурство на депонијата Вардариште и од нивна страна;

За многу скоро ќе започнат заедничките вонредни патроли на депонијата и околу неа во чии состав ќе бидат припадници на МВР и инспектори од општинската администрација“ напиша Стефковски

Тој доде дека толеранција нема да има а никого и дека сите оние кои го сториле ова дело ќе бидат најстрого санкционирани.