Стефковски: Посветено работење и подобри услови за сите е мојата цел

Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски утрово гостуваше на македонската телевизија каде што говореше за како што рече, посветеноста кон подобрувањето на условите за живеење на граѓаните. Како градоначалник, истакна дека од првиот ден се залагал за решавање на проблемот со фекалната канализација во општината, предизвик кој е децениски.  

-Оваа година имаме планирано средства и реализирано средства околу 1 милион евра за изградба на фекална канализациона мрежа во населените места. Интензивно работевме и сеуште работиме за изградба на фекална канализациона мрежа. Ја завршивме првата фаза на канализационата мрежа во населеното место Страчинци и се надевам дека за еден месец започнуваме со комплетна реализација на останатите фази за конечно да Страчинци добие функционален фекален систем. Исто така продолживме со првата фаза на фекална канализација во Црешево која ја завршивме и во моментот се работи на изградба на втората фаза од фекалната канализација Црешево вредносна инвестиција која што е околу 20 милиони денари, само за ова населено место. Ја завршивме и во Смилковци со поставување на приклучоци и пуштање на пречистителната станица. Исто така работиме и на поставување на приклучоци во Јурумлери, а во наредниот период започнуваме постапка со изградба на четвртата фаза од фекалната канализација Трубарево и Чукур Мало, интензивно се работи и во населеното место Гоце Делчев. Фокусот ни е во наредниот период сите овие активности што се започнати во овие населени места да ги заокружиме - изјави Стефковски.

Стефковски потенцира дека е насочен кон подобрување на Општината во секоја сфера.

-Гази Баба имаше голем број на децениски проблеми и со систематско поставување на работите и на стручниот тим настојуваме сите овие проекти прво да ги изработиме, а потоа и да преминеме во фаза на реализација. Исто ова лето спроведовме ден проект за изградба на седум спортски игралишта, 5 од нив се со современа тартан подлога и комплетно реконструирани, тоа се во Ќерамидница, Кирил Петрушевски, Колонија, Гоце Делчев и Маџари. Терени со вештачка треба изградивме во Стајковци и Страчинци. Значи буквално работиме посветено во секоја област на општественото живеење за да ги подобриме условите на граѓаните, кажа тој.

Потенцираше и дека животната средина е на врвот на неговите приоритети, а укажа и дека оваа година за прв пат општината обезбеди финансиска помош во вредност од 3.000 денари за секое прваче од општина Гази Баба.

-За прв пат оваа година општината обезбеди финансиска поддршка за родителите кои имаат прваче. Обезбедивме 3.000 денари за секое прваче од општината  Гази Баба. Во овие тешки моменти на економска криза сакавме да дадеме директен стимул со цел да го обезбедат оној неопходен пакет на своите дечиња кој што им е потребен за почеток на школската година - кажа градоначалникот.

Тој се осврна и на немилите настани кои изминатиот период се случуваа во автобусите на ЈСП, па јавно ги осуди и рече дека со преземените мерки кои се донесоа на седницата на Советот за превенција во Гази Баба, очекува резултати. Уште еднаш го најави јавниот отчет кој ќе го даде пред граѓаните на плоштадот во Автокоманда, за сето сработено во изминатата една година од неговиот мандат.