
Депонијата Вардариште по октомври ќе замине во историјата, најавува градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
Како што напиша во објава на социјалните мрежи, тој вели дека заедно со идниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски и градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески биле на увид на депонијата.
„Направивме увид и на физибилити студијата за посебен третман на депонијата која е направена и чека реализација. Веднаш по локалните избори градот Скопје со целосна поддршка од Гази Баба и Аеродром ќе започне со активности согласно студијата и на ова место ќе се изгради најголемиот зелен парк во Скопје“, истакна Стефковски.
Тој дополнително денес ја најави и изградбата на мост кој ќе ги поврзе Гази Баба и Аеродром – проект за кој вели дека ќе биде од огромно значење за сообраќајот и за секојдневното поврзување на жителите на двете општини.
„Ова е почеток на нова ера – ера во која депониите ќе бидат минато, а зелените паркови и современата инфраструктура ќе бидат иднината. Со заедничка работа и визија го претвораме Вардариште од најголем еколошки проблем во најголема зелена оаза во градот, потенцираше Стефковски.