Стефан Богоев или помеѓу младите во Скопје познат „Богац“, најмладите градоначалник од редовите на СДСМ.  На локалните избори во 2017 година ја доби довербата од граѓаните да води една од најурбаните општини во градот. Во денешното интервју за Скопје Инфо говори на теми поврзани со општината: како тој го памети Карпош и како го гледа во иднина. Вели дека Карпош е општина во која живее малскиот живот и живеат урбани луѓе - тоа ја прави оваа општина поинаква од другите. 

Скопје Инфо: Како го паметите Карпош од времето кога бевте дете?

Стефан Богоев: Карпош го паметам како хармонична и мирна Општина во која имаше содржини за сите граѓани. Плански развиена, со голем број на училишта и градинки во населбите, при што децата од оваа Општина немаа потреба да патуваат до друга општина за да добијат квалитетно образование.

Исто така, тоа што од секогаш ми се допаѓало е што меѓу зградите имало зелени површини, мини паркови кои дополнително го збогатуваат социјалниот живот на граѓаните. Буквално гравитираш во своето маало и се е во твојата близина на живеење.

Скопје Инфо: Каде ги минувавте деновите и вечерите, во тоа време?

Стефан Богоев: Најчесто на Млечен, на денешното плато пред Ли кафе. Тука и денеска има богат маалски живот. Игравме баскет на популарниот кош, се дружевме, а и денес тука го пијам кафето со моите другарки и другари кои најчесто се од овој дел на Карпош.

Скопје Инфо: Што го прави Карпош различен од останатите општини?

Стефан Богоев: Урбаниот дух на граѓаните. Да не бидам сфатен погрешно, но карпошани се одвојуваат од другите жители. Перфекционисти се, сакаат квалитетен живот,  во вистинска смисла на зборот, а не проекти од денес за утре.

Затоа и предизвикот да се биде градоначалник на Карпош е огромен.

Скопје Инфо: Каков ќе биде Карпош по неколку години?

Стефан Богоев: Карпош го гледам како плански развиена општина која се развива по страничните, периферни делови. Исто така, како Општина во која зеленилото повторно се “враќа на сцена”, a агресивната урбанизација е минато.

Сепак, сметам дека мора да одиме и чекор понапред. Зголемувањето на зеленилото и одржувањето на јавната чистота секако се меѓу приоритетите, но Карпош ќе оди напред и во поглед на иновативноста и новите проекти кои ќе го зајакнат економскиот стандард на граѓаните.

Скопје Инфо: Кој град би можеле да го замените со Скопје?

Стефан Богоев: Секој град си има свои карактеристики и убавини. За скопјани главниот град секогаш ќе биде единствен избор, но добро е кога имаме можност да прошетаме по повеќе метрополи и да направиме споредба.

Скопје има сличности со Сараево каде што нашата чаршија потсетува на Башчаршија, на духот и енергијата која циркулира во главниот град на БиХ.

Но, од друга страна пак имаме и модерни градби, а Скопје дефинитивно е и главен административно – политички центар во Македонија.

Вашингтон како центар на светот е еден од моите омилени градови кои го имам посетено, а сообраќајниот хаос и брзиот начин на живот се одлика и на мојот роден град, Скопје но и на Вашинготн.

Можеби нескромно, но зошто да не се споредуваме со современиот свет :)

Скопје Инфо: Какви се Скопјани, според вас?

Стефан Богоев: Скопјани се бунтовни и солидарни. Секоја промена започнува од Скопје, од тука се диктираат новите правци на општествено – политички план и интересен е фактот како енергијата која преовладува во Скопје може да се разлее низ цела Македонија. Солидарни бидејќи знаеме да одговориме со хуманост и подадена рака тогаш кога е најпотребно без калкулации и двоумење.

Скопје Инфо: Кој е главниот белег на Карпош?

Стефан Богоев: Посебноста и различноста на секоја урбана заедница. Од една страна Карпош 1 кој претставува граница со Општина Центар, Карпош 2 како урбана заедница во која опстојува една од најзначајните културни установи, Драмскиот театар.

Тука се и Владо Тасевски (Млечен) и Тафталиџе кои во минатото импонираа со ниските градби, но беа доведени под закана од непланската урбанизација. Овие урбани заедници се и одраз на солидарноста која светот ја покажа по катастрофалниот земјотрес во 1963, каде што голем број од улиците се именувани по имиња на градови кои придонеле во обновата на Карпош и Градот Скопје.

Од друга страна пак го имаме Нерези кој со децении е симбол на мултиетничноста и соживотот меѓу граѓаните. Денеска, вистински предизвик е да инвестираме повеќе и во деловите како Бардовци, Злокуќани, Момин Поток и Криви Дол, кои лежат на другиот брег на реката Вардар.

Скопје Инфо: Кога е најубаво Скопје?

Стефан Богоев: На пролет и во лето. Искрено, повеќе ги сакам сончевите периоди од годината и за мене е најубаво кога на сонце и повисока температува можам да прошетам во Градскиот парк.

Скопје Инфо: Што му недостасува на Скопје?

Космополитски дух кој во минато доминираше повеќе. Бевме задоени од еден локал патриотизам кој го затвори Скопје, го потчини и го одвои од модерниот свет.

Сега е време повторно да го развиваме Скопје како европска метропола.

Скопје Инфо: Што можат да очекуваат жителите на Карпош од вас во следниот период и што вие очекувате од нив?

Стефан Богоев: Граѓаните можат да очекуваат почеток на проектот Мој Карпош – Моја картичка. Веќе имавме промотивен настан каде што заедно со стопанствениците го објаснивме проектот чија цел е да овозможи попусти и бенефиции за граѓаните во повеќе локални кафулиња, ресторани, ординации, продавници, но и локалните бизниси да имаат поголема посетеност и добивка.

Исто така, во напредна фаза сме со подготовкка на проектот за изградба на Адреналински парк во Карпош долж Кејот на Вардар, кој ќе биде дел од големиот парк кој ќе се гради на потегот од алпинистичката карпа до бунарите на реката Вардар.

Нормално, за време на летниот распуст извршивме повеќе реконструкции во основните училишта, ставајќи акцент на средување на училишните дворови кои прераснуваат во спортско рекреативни центри, со нови содржини за спорт за учениците, но и за рекреација на граѓаните од околните населби во попладневните часови.

Ова е тоа што граѓаните може да го очекуваат во претстојниот период, а тоа што јас, односно ние како Општина го очекуваме е продолжување на добрата соработка и отворена комуникација со сите граѓани и засегнати страни.