Став: Додека бараме од општините и градот да го чистат Скопје, треба да се запрашаме што самите оставаме зад себе

Пред неколку дена бев во Ново Лисиче, во паркот „Авионче“. Додека се движев кон кејот, забележав луѓе од општината како го чистат паркот.

Photo by Ariungoo Batzorig on Unsplash

Го собираа отпадот, ги средуваа површините и очигледно беа дојдени токму за тоа – да го направат просторот повторно пристоен за луѓето што го користат. Во еден момент погледнав под една од клупите и видов пластични шишиња, догорчиња од цигари и уште куп ситен отпад. Продолжив да одам и покрај патеката кон кејот забележав нешто што навистина не го очекував – перика фрлена на земја. Не знам како стигнала таму, ниту сакам да знам. Само си помислив колку отпад секојдневно останува зад нас и колку луѓе потоа треба да дојдат да го соберат.

Скопје има сериозен проблем со отпадот и тука нема потреба од разубавување на реалноста. Градот и општините имаат голема одговорност за состојбата на јавните површини, за собирањето и управувањето со отпадот, за поставувањето и одржувањето на корпите и контејнерите, како и за справувањето со дивите депонии. Тоа не е услуга што граѓаните треба да ги молат институциите да ја обезбедат, туку нивна обврска. Кога улиците, парковите или кејот се нечисти, сосема е оправдано да прашаме зошто не се чистат почесто и дали системот функционира како што треба.

Истовремено, количината на отпад со која се соочува Скопје навистина е голема. Само во првите шест месеци од 2026 година, според објавените податоци, ЈП „Комунална хигиена“ собрало и транспортирало повеќе од 82 илјади тони мешан комунален отпад. Тоа се повеќе од 82 милиони килограми отпад за шест месеци. Во исто време, градот и општините се соочуваат и со отпад што не завршува во контејнерите, туку покрај патишта, во паркови, на зелени површини и на други места каде што не му е местото.

Photo by Finlan Aldan on Unsplash

Но токму кога го видов тој парк, сфатив дека приказната не може да заврши со тоа дека институциите треба повеќе да чистат. Затоа што луѓето од општината беа таму и ќистеа. И додека тие го правеа тоа, под клупите  имаше шишиња и догорчиња. Тоа не значи дека треба да престанеме да бараме подобро работење од институциите. Напротив, треба да бараме почисти паркови, подобро организирани комунални служби, повеќе корпи на местата каде што навистина се потребни и поефикасно справување со отпадот. Но истовремено треба да си поставиме едно многу едноставно прашање: што можеме ние да направиме за градот да не мора постојано да го чисти истото?

Целата вина за нечистото Скопје не може и не треба да се префрли врз граѓаните. Некогаш нема доволно корпи, некогаш отпадот не се собира навреме, а дивите депонии се проблем што не може да се реши само со апели до граѓаните. Системот мора да функционира и институциите мора да ја преземат својата одговорност. Но постои и онаа друга, секојдневна одговорност која не се регулира со одлука на Советот на општината. Тоа е моментот кога ќе завршиме со цигарата, со шишето, со кесата или со нешто друго што веќе не ни треба и ќе одлучиме дали ќе го оставиме на земја или ќе го фрлиме таму каде што треба.

Но, ситуацијата во овој парк, а и во многу други јавни површини покажува дека многу лесно го прифаќаме јавниот простор како нешто што не е наше. Ако нешто е во нашиот двор, веднаш забележуваме кога е нечисто. Ако некој ни фрли отпад пред куќа, тоа веднаш ни пречи. Но кога истото се случува во парк, на кеј или покрај улица, некако станува туѓ проблем. Ќе помине некој од комунална хигиена, ќе собере, ќе измете и повторно ќе биде чисто. Потоа повторно ќе дојдат луѓе и повторно ќе остане нешто зад нив.

Тука треба да ја смениме перспективата. Чистењето на градот не е само работа на луѓето што се задолжени да чистат. Нивната работа е да го одржуваат градот, но нашето однесување директно влијае на тоа колку често и колку интензивно мора да се чисти. Ако фрламе отпад каде што ќе стигнеме, можеме да имаме и најголема комунална служба во светот, а повторно ќе гледаме отпад под клупите.

Не можеме да очекуваме институциите да бидат совршени, но можеме да очекуваме да си ја вршат работата. Исто така, не можеме да очекуваме секој граѓанин да биде совршен, но можеме да очекуваме основна грижа за просторот што сите го користиме. Тоа не е голема работа. Да не го оставиме шишето под клупата. Да не го фрлиме догорчето на тревата. Да не оставиме кеса покрај патеката затоа што контејнерот е неколку метри подалеку.

Кога следниот пат ќе видиме нечист парк, улица или кеј, секако треба да прашаме што направила општината и што направил градот. Но можеме да се запрашаме и што сме направиле ние. Не како начин да се избегне институционалната одговорност, туку како потсетување дека јавниот простор навистина е наш заеднички простор.

Најмногу ми остана во глава сликата од луѓето што го чистеа паркот. . Скопје ќе почне да изгледа поинаку тогаш кога ќе престанеме да ја гледаме чистотата како нешто што некој друг треба да ни го обезбеди и ќе ја сфатиме како заедничка одговорност. Институциите треба да си ја завршат својата работа. А ние, барем во оној мал дел што зависи од нас, треба да престанеме да им создаваме дополнителна работа и секогаш да тргнуваме од себе, дека и ние самите имаме одговорност како постапуваме со истиот тој отпад.