Статистика и совети за поголема безбедност на пешаците во сообраќајот

Црната статистика за 2017 година покажува дека 34 пешаци го загубиле животот во сообраќајни незгоди, од кои, дури 17 се на возраст над 65 години, а повеќе од 900 се сериозно повредени. Една од причините зошто пешаците толку многу страдаат во сообраќајот, покрај неодговорните возачи и несоодветната сообраќајна инфраструктура, секако е и непочитувањето на сообраќајните правила и прописи од нивна страна.

За жал, секојдневно можеме да видиме пешаци како поминуваат улица надвор од пешачки премин, на црвен пешачки семафор, како се движат помеѓу две коловозни ленти, помеѓу возила во движење, но и пешаци кои воопшто не ги следат случувањата во сообраќајот поради мобилниот телефон или слушањето музика. Непотребното задржување на коловозот е редовна појава, особено од страна на повозрасните пешаци.

Пешаците се најмасовна и најранлива група учесници во сообраќајот, а како таква, општиот впечаток кој го оставаат е недостаток на чувство за нивното активно учество во сообраќајот и недостаток на одговорност дека и за нив важат сообраќајните правила и прописи што задолжително треба да се почитуваат.

Покрај наведеното, анализите на РСБСП и статистиката, покажуваат дека бројот на пешаци кои страдаат во сообраќајни незгоди случени токму на пешачки премин е многу голем. Имено, обврска на возачите е да се движат со особено внимание секогаш кога се приближуваат кон пешачки премин, да ја намалат брзината и да ги прoпуштат пешаците на пешачкиот премин, но тоа никако не значи дека пешаците имаат апсолутно право на првенство на минување. Напротив, пешакот е должен да ја помине улицата на пешачки премин откако ќе се увери дека тоа може да го направи без да го загрози безбедното одвивање на сообраќајот, односно откако ќе се увери дека возилата што се движат на коловозот се во можност навремено и безбедно да застанат. Непочитување на ова правило од страна на возачите и на пешаците е најголема причина за сообраќајни незгоди во кои страдаат пешаците.

Анализите, исто така, покажуваат дека пешаците се најмалку санкционирани и најмалку контролирани учесници во сообраќајот. Нивното однесување во сообраќајот е препуштено на личната одговорност, свест и совест, како и на сообраќајната култура на секој поединец кој како пешак учествува во сообраќајот.

Имајќи ја во предвид ваквата состојба, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упатува апел до пешаците за нивно одговорно учество во сообраќајот и ги потсетува дека, внимателното учество во сообраќајот не е грижа само на возачите, туку и на пешаците. Секој пешак има обврска да се грижи за својата безбедност и да дава личен придонес за непречено одвивање на сообраќајот.

РСБСП потсетува дека почитувањето на сообраќајните правила и прописи е обврска на секој учесник во сообраќајот, вклучително и на пешаците. Согласно тоа, пешакот треба секогаш да се движи по тротоарот, да ја преминува улицата на пешачки премин, откако ќе се увери дека возилата што се движат по коловозот можат безбедно да застанат, да го почитува црвеното и зеленото светло на пешачкиот семафор, да не се задржува непотребно на коловозот, да не застанува и да не се движи помеѓу двете коловозни ленти, секогаш да биде внимателен и фокусиран на сообраќајот итн.

Прв и најважен чекор кон поголема безбедност на пешаците во сообраќајот е будење на свеста и стекнување добри сообраќајни навики, почитување на сообраќајните правила и прописи, поголема сообраќајна култура и поголема меѓусебна толеранција меѓу пешаците и возачите.

Анализите на РСБСП покажуваат дека пешаците најчесто страдаат во сообраќајни незгоди во услови на намалена видливост (магла), во раните утрински и во доцните вечерни часови, на неосветлени коловози или на неосветлени пешачки премини, и токму затоа, РСБСП укажува на потребата од користење рефлектирачко елече или други рефлектирачки додатоци од страна на пешаците.

Воедно, РСБСП потсетува: златното правило што важи за поголема лична заштита и за поголема безбедност на секој пешак во сообраќајот, правило што постајано треба да се применува е: „Гледај! Види! Биди виден!“