За новите родители: Извод за новороденче ќе се вади во болница

Министерот за здравство Арбен Таравари најави дека уште од следната недела ќе има новитети во системот Мој термин.  

Секое новороденче ќе добива извод од матична книга уште во болница. Оваа новина ја најави министерот за здравство Арбен Таравари на акцијата за генерално чистење на комплексот клиники “Мајка Тереза”.

– Кога ќе се роди детето, родителите не одат никаде, туку во болница се дава извод на родени, како и препораки за мајките за следните неколку месеци. Значи, да не одат родителите по изводи и други документи, вакцини што треба да ги прими, изјави Таравари.

За најавените измени во системот „Мој термин“, тој рече дека се работи интензивно и во текот на оваа недела ќе биде промовирано нешто ново.

Во однос на кадровските решенија и смените, Таравари, рече дека ревизија е направена само на Министерството за здравство и за другите клиники се очекува наскоро да бидат направени.

– Со именувања ќе продолжиме оваа недела. Ќе биде постепено, полека не брзаме, следните две до три недели се надевам дека скоро 70 до 80 проценти од клиниките ќе имаат нови директори, рече Таравари.

Во врска со инспекциите во другите болници, Таравари рече дека проблеми со хигиената има и во другите болници и сериозно размислуваат, бидејќи е главен лоциран проблем.

– Веќе размислуваме за идејни решенија и како да го поправиме тоа. Можеби ќе ангажираме надворешни фирми, прво експериментално во две болници, во Гостивар и на ГАК ќе почне да работи бесплатно една фирма и според тоа како ќе бидат задоволни пациентите и лекарите и дали интрахоспитални инфекции се намалени, потоа ќе одлучиме дали тоа ќе го спроведеме на уште неколку клиники каде можеме финансиски да издржиме, изјави Таравари.

Акцијата за чистење на Клиничкиот центар е направена по анализата за тоа кои се најголеми жалби на пациентите во Клиничкиот центар и во болниците. Апсолутно на прво место беше хигиената.

– Затоа е и оваа прва акција. Вакви се надевам и други методи што ќе ги користи Министерството во иднина за да се одржи хигиената и надвор и внатре во клиниките, бидејќи тоа е сериозен проблем, изјави Таравари.