Стартува акцијата за почиста Гази Баба

Општина Гази Баба, во соработка со ЈКП Гази Баба, започнува акција за миење на улиците, тротоарите и плоштадите на територијата на целата општина информираше градоначалникот Бобан Стефковски.

„Со оваа акција се овозможува поефикасно отстранување на прашината, нечистотиите и останатите отпадоци од јавните површини. Чистите улици значат поздрава средина за сите – особено во летниот период, кога зголемените температури и загадувањето можат негативно да влијаат на квалитетот на воздухот. Акцијата ја реализира ЈКП Гази Баба“, напиша Стефкоски.

Градоначалникот посочува дека екипите на Јавното комунално претпријатие Гази Баба ќе бидат секојдневно на терен со специјализирана механизација и средства за длабинско миење. Се работи по однапред утврден распоред.

„Апелираме до сите жители да дадат свој придонес – да не паркираат возила на местата каде што е планирано миење и да ги почитуваат временските распореди. Заедно можеме да создадеме поубава, почиста и поурбана општина. Гази Баба заслужува!

Оваа акција е само еден од многуте чекори кои ги преземаме за унапредување на животната средина. Чистотата не е само одраз на културата, туку и на грижата за иднината. Да дадеме пример и да го чуваме просторот во кој живееме!“, напиша Стефковски.