Старото училиште во селото Кучково ќе стане регионален центар за деца лекувани од канцер

Советот на општината Ѓорче Петров на 22-та седница даде зелено светло за реализација на проектот „Приказната продолжува за децата кои победиле канцер” кој ќе биде единствен регионален центар од ваков вид во државава.

-Со оваа значајна одлука која носи нови проекти од регионален карактер ја изгласаа членовите на советот на општината Ѓорче Петров. Имено, општината изрази сериозна подговеност и сериозност во обезбедување на одржливоста на објектот по негово пуштање во употреба, односно по техничкиот прием на објектот, информираат од Општина Ѓорче Петров.

Услугите кои ќе ги добијат пациентите се прием на деца кои победиле канцер и нивно сместување, исхрана, психо социјална поддршка на децата, вежби за подобрување на физичката кондиција и нивно задолжително основно образование во институтот преку онлајн платформата.

На овој проект му претходеле неколку работни сесии од програмата “Регионални форуми во заедницата” во рамки на проектот ” Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој” каде учествуваше и општината.

На форумската сесија беа презентирани концепт решенијата за предлог проектите од повеќе општини за Грантова шема и концептите од листата на проекти за Програмата за рамномерен регионален развој на БРР/МЛС.

На сесијата беа избрани три предлог проекти од кој првото место го доби токму проектот аплициран од општината Ѓорче Петров насловен “Центар за рехабилитација на деца лекувани од канцер“ со 28 бодови, чиј носител е Центар за развој на Скопски плански регион со партнерство од општина Ѓорче Петров и НВО „САНО.

Донатор на проектот е Швајцарската амбасада и Министерството за локална самоуправа Регионалниот центар се очекува комплетно да биде пуштен во употреба во 2024.