
Реформата на пензискиот систем сама по себе придонесе во подобрувањето на состојбите, но предизвици има сѐ уште, изјави директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов, на меѓународната конференција „Одржлив пензиски систем – две децении прогрес“, во организација на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија.
„Еден од најголемите предизвици е дефицитот во буџетот на Фондот, кој се провлекува со години, кој е резултат на повеќе чинители, меѓу кои недоволниот број на осигуреници наспроти се поголемиот број на пензионери, издвојувањата од придонесот за ПИО за вториот столб, како и придонесот за здравствено осигурување на пензионерите, што паѓа на товар на Фондот“, рече тој.
Мемов посочи дека други предизвици кои имаат и ќе имаат сѐ поголемо влијание во наредниот период е стареењето на населението и намалувањето на работоспособното население поради помалиот наталитет со кој се соочува државата, како и иселувањето, особено на младите лица.
Директорот на Фондот на ПИОМ, Мемов нагласи дека првата и основна мерка за консолидирање на финансиската состојба на пензискиот систем е економскиот раст на земјата и отворање на нови работни места. Тој рече дека е невозможна консолидација на само еден сегмент, т.е само на пензискиот систем и е потребно да се гледа големата слика, зашто системите се поврзани и зависат еден од друг.
„Државата почива на неколку основни столбови: политички систем ( правосудство и државна управа, здравствен систем, образование итн.), безбедносен систем ( војска и полиција), еономски систем ( приватен, реален сектор, банкарски систем) и пензиски систем ( кој опфаќа скоро половина од приливите во буџетот и 2/3 од населението). Сите овие столбови се меѓусебно поврзани и потребна е нивна взамна консолидација“, нагласи Мемов.
Како втора мерка за консолидација тој го посочи обезбедувањето на средства преку реален пасивен приход.