Станови во Скопје: Никнуваат како печурки, цените бетонирани, а ги плаќаме „пола“ живот!

Цените на новоизградените становите во Скопје се безмалку зацементирани на горе-долу исто ниво последниве неолку години.

Така, според најновите интернет оглси новоградба на Водно од 54 квадратни метри се продава за 65.000 евра, без ДДВ. Во Аеродром, речиси секаде цената на квадратот се движи околу 1.050 евра. Во Пржино се продаваат станови по цена од 1.150 евра, а во Влае за 1.000 евра за квадратен метар. Цените на квадратот во Капиштец се движат од 1.000 до 1.150 евра. По 1.150 евра инвеститорите бараат и за станбениот квадрат во Тафталиџе и во Дебар Маало, а стан во завршна фаза на градба во Црниче се нуди по цена од 1.270 евра за еден квадратен метар. Од 1.150 до 1.250 евра за квадрат се цените на становите во Центар, со тоа што поевтини се само поголемите, со површина од над 90 квадратни метри. Во Кисела Вода има понуда на станови од 951 до над 1.000 евра за квадрат.

Според огласниците, голема е понудата на станови во Сопиште, каде квадратот на невселен стан се нуди за 649 евра, плус на купувачите им се дава и ваучер од 1.500 евра за да си купат бела техника. Поголема подуда на нови станови има и во населбата Ѓорче Петров, по цена од 639 до 884 евра за квадрат. Во оваа населба стан со три соби од 52 квадрата може да се купи за 46.000 евра, што е една од највисоките цени во оваа скопска населба. Голем број станбени згради последниве години се изградија во Илинден, а во нив становите се нудат за 640 евра квадрат. За разлика од Аеродром, каде што новоградбите се ценат на над 1.000 евра за квадрат, во соседно Ново Лисиче, практично преку улица, еден квадрат стан може да се купи и за помалку од 800 евра.

Токму ваквите разлики во цените на становите во Скопје и понудата во делови од градот и околината која порано практично ја немало, велат во неколку агенции за недвижности, се причина лани просекот на цената на становите да се симне за фантастични 14 отсто.