Многу често зборуваме со себе на начин кој никогаш не би го употребиле кон некој друг.
Photo by Engin Akyurt
Зборуваме на строг начин, со прекор и критика, без грам разбирање, како да си самите себеси непријатели, а не сојузници. Всушност, начинот на кој разговараме со својата внатрешност го обликува нашето чувство на самодоверба, истрајност и трпение — трите столба на личниот раст.
Ако ни недостасува самодоверба, вреди да се запрашаме: како зборуваме со нашите пријатели кога се плашат или се двоумат? На пријателот би му рекле: „Ти го можеш тоа, вредиш, верувам во тебе.“ Замислете да го примените истиот тон и кон себе. Истражувањата покажуваат дека внатрешен дијалог кој е исполнет со емпатија кон себеси, ја зголемува активноста во деловите од мозокот поврзани со безбедноста и среќата, како префронталниот кортекс. Тоа значи дека зборувајќи си со почит и топлина, ја градиме сопствената самодоверба.
Ако, пак, ни недостасува истрајност, треба да се сетиме како им се обраќаме на помладите од нас, или пак некој ученик кој го знаеме. Добриот учител не го прекорува ученикот што греши, туку го бодри да проба повторно, да учи од грешките и да не се откажува. Ако себеси се гледаме како ученик, ќе можеме да прифатиме дека учењето е процес и дека неуспехот е нормален чекор на патот. Така ќе бидеме поупорни, бидејќи нема да се казнуваме себеси, туку ќе се поттикнуваме да продолжиме.
Кога ни недостига трпение, особено кога нештата не се одвиваат според нашите планови, вреди да се запрашаме: како зборуваме со мало дете? Со дете сме внимателни, не очекуваме совршенство веднаш, туку му оставаме време да расте. Ако со истиот тој тон зборуваме со себе, ќе развиеме трпение кон сопствениот пат и ќе си дозволиме да растеме без прекумерна строгост и нетрпеливост.
Научните докази за моќта на самоговорот се јасни. Студија во Journal of Personality and Social Psychologyпотврдила дека луѓето кои користат позитивен, пријателски тон во внатрешниот дијалог имаат подобри резултати во справување со стрес и поголема веројатност за долгорочен успех. Тоа е уште една причина да вежбаме да бидеме сопствени пријатели, наставници и заштитници.
Во суштина, начинот на кој разговараме со себе е одраз на нашата љубов кон самите нас. Ако сакаме да изградиме поголема самодоверба, истрајност и трпение, вреди да започнеме од таму: да се однесуваме кон себе со истата нежност и разбирање што ги даваме на луѓето што ги сакаме. Со таков однос, ќе создаваме внатрешен простор каде што сме безбедни да учиме, да грешиме и да растеме — и токму тоа е најголемиот дар што можеме да си го дадеме себеси.