
На социјалните мрежи деновиве големо внимание привлече оглас за продажба на стан во скопската населба Кисела Вода, лоциран во зградата „Адора Флатирон“. Станот се нуди по цена од половина милион евра, при што паркинг-местото не е вклучено во вредноста и се доплаќа дополнителни 12.000 евра. Медијаната цена по квадрат достигнува околу 3.800 евра.
Според описот во огласот, станот е четворособен, со внатрешна површина од 202 м², 70 м² балкон и 60 м² отворена тераса. „Станот располага со три спални соби, три тоалети, дневна, кујна и трпезарија. Може да се купат и две гаражни места на -2 ниво, по 15.000 евра секое“, наведуваат сопствениците.
Огласот предизвика бројни реакции на социјалните мрежи. Граѓаните најмногу негодуваат поради цената која, според нив, не соодветствува на квалитетот на живот во тој дел од градот. Дел од нив сметаат дека луксузот е релативна категорија и дека високиот ентериерски стандард не ја оправдува вкупната цена.

„Скапиот мебел не значи луксуз. За некого тоа е само скап ентериер, а не луксузно опремен стан. Овде единственото луксузно е цената“, коментира еден корисник.
Други, пак, реагираат на урбанистичкиот хаос во населбата:
„Тесни улици, неподнослива гужва, смрдеа, згради од сите страни. За викенд ништо не работи, па и за леб мораш до трговски центар. Плус, долу има казино – небезбедно е. Каков луксуз?“, стои во друг коментар.
Според Регистарот на цени и закупнини што повторно го објавува Агенцијата за катастар на недвижности, во периодот април–јуни годинава на македонскиот пазар биле потрошени 265,2 милиони евра за недвижности. Од нив, 112 милиони евра се издвоени само за купување станови.
Граѓаните во тој квартал купиле и изнајмиле над 7,5 милиони метри квадратни недвижен имот. Најскапиот стан продаден во тој период достигнал цена од околу 250.000 евра за 96 м² во Центар, со вредност од 2.700 евра по квадрат.
Просечната цена по метар квадратен останува највисока во Центар – над 1.600 евра. Најевтините квадрати се во Струмица, каде просечната цена е за околу 1.000 евра пониска.
Еден од проблемите во статистиката е што регистарот ги вклучува и преддоговорите за станови во градба, склучени пред повеќе години, кога цените биле значително пониски. Тоа го намалува просекот и не ја одразува реалната слика на пазарот.
Во пракса, цените во моменталните огласи во Скопје честопати достигнуваат и до 3.000 евра по квадрат.