Стаменкоска Трајкоска на увид во градежните активности за изградбата на двете нови сообраќајници во Расадник

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска информираше дека денеска извршила увид во градежните активности за изградба на две нови сообраќајници во населбата Расадник - „Новопланирана улица-2“ и „Пристапна улица-2“.

„Ова е дел од нашата стратешка определба во Општина Кисела Вода за континуирано унапредување на патната мрежа, поквалитетно сообраќајно поврзување и повисок стандард на живеење“, истакна градоначалничката во објавата на Фејсбук.

Посочи дека роектот опфаќа: поставување на двослоен асфалтен коловоз на површина од 1.600 квадратни метри, со нови рабници од двете страни. Исто така рече дека предвидено било и поплочување на 460 квадратни метри нови тротоарски површини за поголема безбедност на пешаците, како и трајно и ефикасно справување со атмосферските води преку постоечките, но и изведба на нови попивателни сливници кои ќе го штитат коловозот при обилни врнежи.

„Со овие нови 1.600 квадрати асфалтно поврзување создаваме модерна и безбедна инфраструктура. Со правилно решавање на атмосферските води и квалитетно изведени коловози, директно влијаеме на подигнување на квалитетот на живеење и обезбедуваме побрза комуникација за сите наши сограѓани“, нагласи Стаменкоска Трајкоска.