ССМ утре излегува на штрајк, дел од улиците во Скопје ќе бидат блокирани

Преговорите со владините претставници не вродија со плод. Сојузот на синдикати на Македонија утре дефинитивно излегува на штрајк со кој ќе го изрази незадоволството по однос на недоговореното денеска, а тоа е линеарно покачување за сите по 2 806 денари и утврдување на регрес во јавниот сектор од 30 до 100 проценти од просечната плата, најави денеска по средбата со владините претставници претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Тој додава дека е разочаран од преговорите кои денеска се воделе во последен момент, пред најавениот штрајк за утре, при што ги оцени како обид за купување на време.

-Тие не ни понудија ништо друго, не ни понудија ништо освен правење одредени комисии каде што ќе се усогласи методологијата, убедувајќи не дека административниот службеник и давателите на јавни услуги се непродуктивни работници, што не е така. Тие се сервис на граѓаните, ние од нив користиме услуги. Тие достоинствено си ја работат работата и сметаме дека дојде времето нашето незадоволство да го искажеме на улица, рече Димовски.

Тој додаде дека утре како ССМ ќе излезат на улица, ќе наредат 120 столчиња пред Собранието, каде од пратениците ќе бараат да го прифатат нивниот амандман на ребалансот на Буџетот за линеарно зголемување на платите за 2 806 денари, како во јавниот, така и во приватниот сектор.

-На тој начин ќе упатиме апел доколку тоа не се случи дека и тие утре можат да бидат дел од нас работниците, кои ќе стојат надвор пред Собранието бидејќи работникот е оној што гласа и во наредните избори ќе биде клучната алка за која партија ќе биде на власт, рече претседателот на ССМ.

Тој јавно побара помирувачот кој што е дел од Министерството за труд и социјална политика да го прочита Законот за мирно решавање на спорови и членовите во тој закон, и да не ги убедува дека помирувањето може да трае 20 дена и оти за тој период ССМ не треба да штрајкува.

-Не, во членот 18 од Законот за мирно решавање на спорови, штрајкот се спречува само 10 дена, а преговорите траат 20 дена, што значи дека треба да имаме подготвен преговарач кој ќе ги брани реално страната која во процесот е оштетена, а тоа сме ние, нагласи Димовски.

Тој соопшти дека ССМ понудил да има уште една средба денеска во текот на денот, за, како што нагласи, да се консолидираат, и да пресметаат колку средства се потребни за линеарното покачување на платите, бидејќи преметките на синдикатот од барањето претпочено во амандман покажуваат дека во бруто износ се потребни само 30 милиони евра за да бидат опфатени сите вработени во јавниот сектор со линеарното зголемување.

Според Димовски, штрајкот значи прекин на работниот процес за време на работното време на  работното место.

-Ние како ССМ не можеме да штрајкуваме во тие одделни институции, ние нашето незадоволство како предводници на овој штрајк ќе го изразиме пред Собранието на РСМ во среда, во четврток тоа ќе го пренасочиме кон Владата, а доколку ниту тогаш не се реши проблемот, тогаш ќе одиме пред Министерството за финансии каде што ќе побараме уште еднаш од министерот Бесими да се преиспита во ребалансот на Буџетот и да не стави како ставка за покачување на плати. Доколку и тоа не се случи, знаете што значи штрајк и кои се последиците, очигледо ќе бараме оставка од некои министри. Тоа е наше легитимно право, рече Димовски.