ССМ нуди бесплатна правна помош: Работниците кои ќе останат без К-15 да тужат

Работниците од приватниот сектор кои до крајот на годинава нема да добијат К-15 да се обратат до трудовите инспектори или да покренат судска постапка, препорачуваат од Сојузот на синдикатите на Македонија – ССМ и додаваат дека притоа ја имаат на располагање синдикалната служба за бесплатна правна помош.

– На работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор им укажуваме дека можат да побараат интервенција од Државниот инспекторат за труд, или пак да покренат судска постапка за заштита на своите права. Службите за бесплатна правна помош на ССМ во Скопје и во регионалните синдикални претставништва низ републиката за своето членство обезбедуваат правна помош и заштита и за ова право од работен однос, вели Слободан Трендафилов, раководител на одделенијата при ССМ.

Евиденцијата на овој синдикат покажува дека годинава во однос на лани бројот на поплаки за неисплатен регрес за годишен одмор е десеткратно намален.

– Во текот на првите шест месеци од 2018 година по овој основ – остварување на правото на регрес за годишен одмор, во Сојузот на синдикатите на Македонија се евидентирани 22 обраќања, а во 2017 година овој број изнесувал 242 обраќања, информираат од ССМ, со
забелешка дека бројот на поднесоците за целата оваа година ќе се сумира кон средината на наредниот месец.

Оттаму потсетуваат дека работодавците кои не го почитуваат ова право на работниците и не исплаќаат регрес за годишен одмор или бараат од нив да ги вратат исплатените средства по овој основ, покрај глобите за сторен прекршок, според Кривичниот закон можат да добијат и затворска казна до една година.

– Оваа законска обврска дополнително ќе придонесе за заштита и остварување на ова уставно и законско право на работниците, оментираат од ССМ.

За нив е очекувано работодавците целосно да ја исполнат обврската, зашто доброволно ја презеле. Имено, регресот за годишен одмор е право воспоставено преку дијалог меѓу претставниците на работниците, претставувани од ССМ и работодавците, односно Организацијата
на работодавачи на Македонија -ОРМ.

Таков договор се уште нема меѓу Владата и соодветниот грански синдикат во ССМ, па вработените во јавниот скетор и годинава останаа без К-15.