ССМ бара зголемување на платите и пензиите, ако не се врати цената на струјата

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) бара да се повлече избрзаното покачување на цената на електричната енергија, а доколку тоа не биуде направено, тогаш, како што велат, неопходно е да се зголемат сите плати и пензиите во висина на зголемените трошоци за живот или скалесто за најмалку 7,4 отсто.

Во услови на здравствена криза, која имаше и сѐ уште има големо влијание и врз економијата и врз сигурноста на работните места, како и во услови кога годинава Минималната плата е зголемена за само 2,99 отсто, просечната плата од јануари до мај 2020 година е намалена за 4,18 проценти, а трошоците на граѓаните се зголемени заради кризата не се согласуваме да има зголемување на цената на електричната енергија, а особено не поради тоа што истата ќе падне на грбот на работниците, пензионерите, невработените, односно граѓаните – велат од ССМ.

Синдикатот  бара регулаторите да ја преиспитаат одлуката за зголемување на цената на струјата бидејќи тоа ќе се одрази врз животниот стандард на работниците.

Сојузот на синдикатите на Македонија не е организација која ги регулира цените на одредени услуги или производи, но смета дека со Одлуката на  Регулаторната комисија за покачување на електричната енергија за 7,4 отсто, здравствена криза може многу лесно да се претвори и во економска криза – велат од ССМ.

Од синдикатите велат дека не сакаат граѓаните, кои ќе бидат оневозможени да ги подмират зголемените сметки на електрична енергија, да бидат на мета на извршување од извршителите, што е уште една причина за преиспитување на зголемувањето на цената на струјата.