Српската поп-ѕвезда Жељко Јоксимовиќ во Скопје ги најави трите концерти во МНТ

Како звучат ексјугословенските поп, рок и староградски песни во џез и во свинг аранжмани, со 40-член биг бенд, ќе ни покаже српската поп-ѕвезда Жељко Јоксимовиќ на три концерти во Скопје, на 1, 2 и на 3 декември во МНТ.

Јоксимовиќ во Скопје ќе ја започне турнејата со новиот проект "Два света", а ќе продолжи и во други театри низ регионот. Проектот е насловен по легендарната песна на Тома Здравковиќ "Два света сме различни" (Два смо света различита), која Жељко прва ја преработи. Јоксимовиќ вчера беше на гости во Скопје да го промовира спотот за оваа песна, но и култниот рок-хит од "Електрични оргазам" -"Јас сум тежок како коњ" (Ја сам тежак као коњ).

"Сакав да слушнете малку светски звук, но со песни од нашето поднебје. Она што го правел Луис Армстронг, што го прави Мајкл Бубле, мене отсекогаш ми се допаѓало, па преработив четириесетина песни од легенди како Тозовац, Тома Здравковиќ, 'Плави оркестар', 'Електрични оргазам'. Тука има и две стари македонски песни и еден дел мои песни, кои нема да ги откријам, а ќе ги слушнете на концертите во Скопје. Соработувам со македонскиот диригент и композитор Владимир Николов, кој брои светски успеси", најави Јоксимовиќ на вчерашниот прес во МНТ. 

Николов ја прави оркестрацијата на песните во нови аранжмани, а Јоксимовиќ додаде дека како куриозитет меѓу неговите песни би ја избрал евровизиската "Не е љубовта предмет" (Није љубав ствар), која е во латино-варијанта.

"Кога ги избирав песните, одев на она што сум го слушал или сум го свирел како гимназијалец со својот бенд. Кога Гиле од 'Електрични оргазам' дојде да слушне како звучат неговите песни, се воодушеви. А ќе ја слушнете, да речеме, 'Суада' од 'Плави оркестар' и да не откривам понатаму", додаде Јоксимовиќ. 

Тој рече дека турнејата ја почнува во Скопје за да му тргне на арно и најави свечена предновогодишна атмосфера. Од концертите ќе се сними и дивиди. Концертите ги организира "Прагма мјузик ентертејмант". Билетите се продаваат преку мрежата на купикартизасе по цена од 900 до 3.000 денари за партерот и за галериите, а билетите за ложите чинат 3.600 денари.