Српска блогерка воодушевена од Матка: „Сите брзаат да се фотографираат, а јас останав маѓепсана од реката Треска“

Кањонот Матка повторно привлече внимание на регионалните патописци и туристички блогери. Овојпат своите впечатоци од една од најпознатите македонски туристички дестинации ги сподели српската тревел блогерка Јована Јовиќ, која на социјалните мрежи објави пофални зборови за природните убавини на кањонот.

Во својата објава, Јовиќ посочува дека Матка е една од најпопуларните туристички атракции во Македонија и дека тоа е сосема заслужено.

„На самиот почеток од прошетката низ кањонот, реката Треска ме воодушеви. Бистра, брза, моќна, величествена. Сите некако брзаат подлабоко во кањонот за да се фотографираат, а јас... јас не сум сите. Затоа капењето во оваа река заврши на мојата листа на желби“, напиша таа.

Блогерката ги опишува и импресивните карпи кои се издигаат над кањонот, нагласувајќи дека на одредени места достигнуваат височина и до 1.000 метри. Таа потсетува дека Матка се наоѓа на околу 15 километри од Скопје и дека претставува едно од најпосетуваните места за љубителите на природата.

Во својата објава Јовиќ го издвојува и манастирот „Свети Андреј“, кој се наоѓа во непосредна близина на шеталиштето низ кањонот, како и пешачката патека која на одредени делови е врежана во карпите покрај езерото.

Посебно внимание посветува и на пештерата Врело, која важи за една од најпознатите природни атракции во кањонот.

„Пештерата Врело се смета за една од најдлабоките подводни пештери во светот. Нејзината длабочина сè уште не е целосно истражена, а нуркачите досега достигнале до околу 200 метри“, наведува блогерката.

Објавата на Јована Јовиќ предизвика бројни реакции и коментари од нејзините следбеници, од кои многумина посочија дека Матка е едно од местата што задолжително треба да се посетат при патување во Македонија.

Кањонот Матка, кој се наоѓа на само неколку километри од главниот град, со години е меѓу најпосетуваните туристички дестинации во земјата, привлекувајќи домашни и странски туристи со своите природни убавини, пештери, манастири и можности за рекреација.