Сродната душа ќе се појави кога најмалку очекувате

Насекаде се пишува и зборува за сродните души, но ние и натаму се прашуваме, дали навистина постојат и каде се? Дали сите имаме своја сродна душа? Дали ќе ја сретнеме во текот на нашиот живот и дали душите кои поминуваат крај нас се нашите сродни души? 

Сите ние сме во потрага по сродна душа мислејќи дека оние кои веќе се покрај нас се вистинските. Трагајќи по смислата на животот, низ сите подеми и падови, јас открив дека сите ние имаме повеќе сродни души и дека секоја од нив со причина е во нашиот живот, за да нѐ поучи, да ни биде поддршка или барем само пријател. Не мора да биде партнер во романтична смисла на зборот, може да биде и нашиот најдобар пријател(ка) или член од семејството.

Сродна душа е личност со кој веднаш се поврзуваме, која секогаш е покрај нас во сите важни моменти, личност со која можеме и со поглед да се разбереме, личност со која се надополнуваме, со која можеме да молчиме и личност со која сме поврзани до крајот на животот дури и кога не сме едни покрај други. 

Токму поради нашите негативни уверувања стекнати во детството, потврдувајќи ги низ животот, тешко наоѓаме сродна душа, а уште потешко ги задржуваме до себе. Мислејќи дека не постои или дека ние немаме среќа или дека едноставно не постои среќна врска, брак или искрено пријателство, ние самите себеси се ограничуваме и не дозволуваме да се отвориме кон искрена љубов и блискост. Колку пати се си рекле себеси: „Јас немам среќа во љубовта, се плашам дека ќе ја изгубам љубовта, зошто секогаш сум оставен/а, а толку сакав, повторно ја утнав работата.“ Како да се ослободиме од старите шаблони и да престанеме одново да ги повторуваме старите искуства и одново да поминуваме низ истата тага, болка и незадоволство?

Тргнете од себеси, променете се себеси, затоа што тоа е единствено нешто што можете да направите. Ослободете се од старите негативни уверувања за себе, за партнерството, за врските и променете ги лошите мисли и заменете ги со позитивни. Отворете го своето срце и дозволете си самите на себеси да ја пронајдете својата сродна душа. Затоа што вашата сродна душа постои, само чека да ја привлечете и да посакате добредојде. Отфрлете ги старите шаблони, простете си себеси и на своите бивши партнер(к)и, ослободете се од минатото и отворете го срцето за нови познанства и за новите души кои сакаат да влезат во вашиот живот.

Ништо не се случува преку ноќ и затоа треба да се научиме да бидеме трпеливи. Кога упорно сакаме, бараме и очекуваме нешто, ништо нема да дојде, па ни сродната душа. Сродната душа ќе се појави кога најмалку се надеваме и најмалку очекуваме. Прво треба во себе да ја пронајдеме љубовта, затоа што само на тој начин ќе пронајдеме прекрасни луѓе кои ќе споделуваат со нас прекрасни моменти, без посесивност, љубомора и неприфаќања. 

Љубовта е во нас и насекаде околу нас, ние сме сакани, затоа што и ние сме љубов.