„Срничките“ учат за традиционална музика и игри

Во детската градинка „Срничка“, во објектот „Чекроче“, се одржа музичка работилница во соработка со ДМБУЦ „Илија Николовки Луј“, на која професорите со своите ученици од насоката „Традиционална музика и игра“ ги воведоа децата во убавините на македонското традиционалнo музичко творештво.

Во текот на работилницата, децата беа вклучени во неколку активности, како што се слушање македонски народни песни, пеење песни, запознавање со народните инструменти, народните ора и драмски игри.

Музиката предизвикува најголем интерес кај децата од предучилишна возраст, бидејќи буди различни емоции. Пеењето е најчест облик на музички активности во градинката. Песната го развива вниманието, фантазијата, радоста, поттикнува на енергичност, дисциплинираност и сл. Преку музиката и музичките активности се поттикнуваат и унапредуваат различни аспекти од детскиот развој (развој на внимание, психомоторен развој, когнитивен, вокален...) и со самото тоа се развива љубов и интерес кон музичката уметност.