„Сретение Господово“ - Утре е голем и свечен православен празник

Утре, 15 февруари, верниците го слават Сретение Господово кога вообичаено е да се палат свеќи бидејќи се верува дека пламенот има скриена магична моќ и ќе ја заштити куќата од громови и други несреќи.

На овој ден девојките треба да внимаваат каков маж најпрво ќе сретнат бидејќи тоа може да им ја одреди судбината. Се верува дека ќе се омажи за мажот кој што првпат го запознала тој ден.

Според канонот на православната црква, Сретење се вбројува меѓу празниците Господови и Богородица, бидејќи на тој ден истовремено се прославува и чистотата на Богородица.

Празникот се празнува уште од времето на царот Јустинијан, во црковниот календар е означен со црвена буква.  

Празнувајќи го настанот на Сретението Христово и внесувајќи ја неговата симболика во нашите животи, се наоѓаме и пред уште една таинствена цел: да сѐ подготвиме за средба со Воскреснатиот Христос.

На Воскресението му претходи Великиот Пост, кој секогаш календарски стои во близина со Сретението. А постот е време кога сите ние имаме прилика да направиме макар и најмала преобразба на нашиот внатрешен човек, кој заробен од гревот се буни против законот Христов. Пред нас се наоѓа една прекрасна патека, чијшто крај води до празниот гроб Христов. И доколку се потрудиме да принесеме и најмал труд во духовниот раст и напредок во добродетелите, ќе станеме сместувалиште на Светиот Дух, со чијашто благодатна поткрепа, како духовни атлети, а по молитвите на Пресвета Богородица ќе стигнеме до крајот на таа патека. А таму, нѐ очекува секогаш радосната вест дека „Он не е овде, но воскресна“.