„Среќно лето - весел распуст“ ги собра аеродромци од сите генерации на едно место

Вчера вечер аеродромци масовно излегоа на забава во рамки на настанот „Среќно лето - весел распуст“!

-Со многу позитивна енергија, дружба и детски џагор го наполнивме плоштадот зад Капитол и го започнавме ова среќно лето кое е почеток на весел и безгрижен распуст. Голема благодарност до Трговскиот центар „Capitol Mall“ како и на оние кои се погрижија за богатата музичка и забавна програма. Дополнително настанот имаше и хуманитарен карактер, а средствата ќе отидат кај оние што истите им се најпотребни, информираше првиот човек на општина Аеродром, Тимчо Муцунски. 

За одличната атмосфера се погрижија магионичарот Кристијан Шопов, популарните „Поточиња“, музичарот Таско и бендот Некст Тајм.

Овој детски спектакл заврши со играчите на МЗТ Скопје кои несебично го споделија трофејот со нашите најмлади.

Од локалната самоуправа информираа дека и во иднина ќе организираат вакви настани за најмладите бидејќи тие се, како што рекоа, најзначајни во развојот на општината. 

-Драги ученици, уште еднаш ви посакувам успешен летен распуст и се гледаме на следните настани организирани од Општина Аеродром, порачаа надлежните.