Среќата не се состои од напумпана уста, ниту торба од 1000 евра

Се раѓаме слободни. Немаме ништо. Ни спомени, ни сеќавања, ни надежи. Ние сме како празен лист хартија. Како проаѓа животот така пишуваме во животната тетратка. Нешто ние, нешто судбината. Нашите реакции на тие судбински мешања го одредуваат тонот на нашата приказна. Некои го фарбаат животот со розева, некои со сива боја.

Никој не ти кажува како треба да се живее и како треба да се чувствува. Тоа го гледаме самите. Нешто правиме заради угледот за околината. За некои работи те насочуваат родителите. Некогаш сакаш да бидеш како твоите пријатели. И сѐ е океј додека ти се допаѓа твојот живот и се чувствуваш задоволно. Додека сме деца, сѐ е едноставно. Најчесто го правиме она што го сакаме и она што сакаме да го правиме. Го јадеме она што сакаме да го јадеме, играме со играчките кои ни се допаѓаат, спиеме кога ни се спие, се радуваме на она што нѐ прави среќни. И најчесто сме среќни. Спокојни и безгрижни.

Како што растеме, така доаѓаат компликациите. Човекот настојува да се вклопи во некои општествени рамки за да биде прифатен и да чувствува дека припаѓа некаде. Прави компромиси на сопствена штета. Има луѓе кои толку многу ги стишале своите соништа, што повеќе не можат ни да ги чујат и само така лебдат низ животот. Не сакаат премногу, не очекуваат ништо. Не сонуваат.

Модерниот човек денес е толку фокусиран на барање среќа и внатрешен мир, што тоа веќе станува тажна глетка. Јога, медитација, исхрана, тренинзи, спа центри, вежби за самоконтрола, дишење, психолози и психијатри. Тоа сѐ се лекови кои ги користиме за да ги замачкаме последиците од она што нѐ мачи, но финтата е во тоа што проблемот останува. Ние не го гледаме. Во трката по материјални добра, во трката по она за кое мислиме дека треба да биде животот, а забораваме дека оној празен лист кој сме го добиле кога сме се родиле е само наш за ние да го пополнуваме според наш мерак.

Луѓето денес се плашат да бидат поинакви. Глобалното општество во коешто живееме ни ги наметнува парите како императив. Луѓето трчаат по пари, мислат дека парите се гаранција за среќа и мир, а токму таа трка е она што го создава немирот. На крајот на денот не е важно тоа. На крајот на месецот платата не може да ја пополни празнината која ја чувствуваш во градите, немирот кој те крши одвнатре. На крајот на денот, парите не можат да ти купат мир. Која е поентата да го потрошиш животот правејќи нешто што не го сакаш, правејќи нешто што ти создава несреќа, па после тоа купуваш работи поради кои мислиш дека ќе се чувствуваш подобро и дека ќе го намалиш чувството на незадоволство?

Има мајки кои после породувањето трчаат да се врата на работа за да си ги зачуваат работните места, од грижа за детето да не му недостасува ништо, а не сфаќаат дека детскиот свет е многу едноставен и дека највеќе од сѐ му недостасуваш ТИ.

Во моментите на најголема тага во мојот живот, насмевката и спокој не можеа да ми се вратат преку материјални работи, туку со прегратката на моите најблиски. За мене среќата никогаш не била пропорционална со количината на пари кои ги имам, а сум имала и повеќе, но и помалку. Јас секогаш ја мерев среќата според количината на мир во мојата душа. Луѓето заборавија како се живее. Дека не ти треба премногу за да бидеш среќен, а кога поголемиот дел од луѓето би ги прашале што е најголемата цел во нивниот живот и што би сакале за себе, повеќето би одговориле дека само сакаат да бидат среќни.

А среќен можеш да бидеш и во патики од пазар и со маргарин и слатко од смокви намачкано на леб. Среќен можеш да бидеш седејќи покрај река. Среќа не значи роденден во игротека, ниту пак некаква преголема торта. Среќа може да биде и тортата која требала да биде во форма на зајак, но излегла во форма на мечка. Твоите шест, седум другарчиња и чинија со смоки и кифлички.

Парадоксално е тоа како некои од моите најдраги спомени се токму оние од детството. Кога бевме деца и кога не знаевме лажно да се смееме. Кога невешто се трудевме да ги скриеме нашите симпатии кон момчињата што ни се допаѓаа (или девојчињата во случајот на машките). Кога си помагавме едни на други. Кога едвај чекав да се видам со другарка ми за да си збориме за симпатиите, да слушаме касети и да лепиме постери.

Некаде по пат ги забораваме овие работи и ја зафкрнуваме работата. Со калкулации, лажни насмевки, завист. Почнуваме да трчаме во погрешна насока, наместо опуштено да одиме по патот по кој сме тргнале. И се бориме против себеси, затоа што овој свет сака побрзо, подобро, посилно, поборбено, а ти не сакаш да се бориш против животот. И така се заморуваме, исцрпуваме, повеќе ментално отколку физички и бараме „креми“ со кои ќе ги замачкаме нашите животи, наместо да застанеме и да земеме здив.

Да се сетиме на почетоците. Да се сетиме на она што е навистина важно. Да се сетиме на мирот во душата. За среќа не ти е потребна крема од 100 евра, ниту пак прескапи часови по јога. Не ти треба ни напумпана уста, ниту торба од 1000 евра. Потребни сме си на самите себе. Да се сетиме кои сме биле и каде се движиме. Да се присетиме какви луѓе сакаме да бидеме и кому сакаме да припаѓаме.

И тогаш ќе имаме сѐ!