Средното училиште „Браќа Миладиновци“ го одбележа Светскиот ден на водата

Средното земјоделско-ветеринарно училиште „Браќа Миладиновци“ во Скопје по повод Светскиот ден на водата денеска организираше отворен ден на училиштето и ги прогласи победниците од ликовно-литературниот конкурс „Водата ве води во средно“. Елизабета Ангелеска, директор на СУГС „Браќа Миладиновци“, изјави дека конкурсот бил наменет за ученици од основно образование од целата држава, а целта била да се поттикне нивната свест за значењето на водата за пиење, но и да ги заинтересираат полуматурантите за запишување во земјоделско-ветеринарната струка.

Посочи дека од година во година е се помал интересот за упис.

-Немаме направено детални анализи зошто е тоа така, но мислам дека луѓето на земјоделско-ветеринарната струка гледаат со потценување и мислат дека земјоделството и ветеринарството или одгледувањето растенија и животни е валкана работа, иако денес во светот сето тоа може да се реализира компјутеризирано и човечката рака да се замени со роботи итн. Треба малку повеќе да се поработи на тоа, да се подигне оваа струка на едно повиско ниво, изјави Ангелеска. На врачувањето на признанијата на победниците на конкурсот беше и министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој ја поздрави оваа иницијатива на СУГС „Браќа Миладиновци“ и посочи дека и МОН имало слични повици за основците.

-Ме радува тоа што покрај конкурсот основците имаа можност да ги видат и условите каде што би можеле да се запишат. Факт е дека во последните години во стручното образование имаме повеќе запишани ученици, но факт е и дека во некои струки, како што се земјоделската и ветеринарната насока има помалку интерес, изјави Шаќири и додаде дека на учениците ќе треба да им се укажува на придобивките од овие струки особено во општини каде што тие се примарна дејност.