
ОВР Прилеп поднесе известување против ученик во средно училиште во Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „компјутерски фалсификат”.
Пријавениот, со лажно претставување дека е наставник по англиски јазик од основно училиште во Виница, креирал профил и стапил во контакт со вработена во Министерство за образование и наука, која му укажала дека разговорите со наставници не треба да се водат на социјални мрежи и му креирала официјална електронска адреса од Министерството за образование, му ги доделила лозинките од е-дневник како администратор од нејзината корисничка сметка и му соопштила да ги координира сите наставници.
На тој начин пријавениот имал пристап до сите податоци од сите професори на ниво на државата, ги координирал и им помагал при водењето на електронскиот дневник.
- Во периодот од 2022 до ноември 2025 година, до моментот кога поранешната в.д. директорка го информирала пријавениот дека одредена професорка ѝ пријавила дека некој ги брише податоците од електронскиот дневник во училиштето, пријавениот ги избришал сите профили и акаунти од лажниот профил од социјалните мрежи, а исто така подоцна избришан бил и профилот oд службениот меил од МОН, соопшти МВР.