„Среде соба високо  елката ни стои“ - детскиот евергрин кој го буди новогодишниот дух (видео)

Среде соба високо 
елката ни стои 
и ја красат играчки 
во илјада бои .

Елко елко порасни уште 
две три педи 
за да може Дедо Мраз 
дарови да реди. 

Снежана од бајките милно ни се смее
и ни вели весело секој нека пее.

Елко елко порасни уште 
две три педи 
за да може Дедо Мраз 
дарови да реди ...

Штом се слушнат овие стихови веднаш се буди новогодишниот дух. Децата сакаат да ја пеат, а малкумина знаат дека овој македоски евергрин настанал некаде во 50-тите години на минатиот век од познатиот композитор Тодор Скаловски и писателот, поет и драмски автор Србо Ивановски.

Тодор Скаловски е автор на голем број инструментални, вокални-инструментални и сценски композиции, вклучувајќи ја и музиката на химната на Македонија „Денес над Македонија“. Творечкиот опус му е реалативно голем и обемен, над 100 композиции од различни жанрови. Како творец интензивно создава во периодот од 1938 до 1973 година, а неговите  највисоките дострели се на полето на хорската музика “Македонско оро“, 1943, “Величанија Кирилу и Методију“, 1971. Од другите негови композиции особено успешна е Суитата за глас, хор и инструментален состав “Балтепе“, која доживеа светска слава на сцените на Лос Анџелос, Њујорк, Виена и Москва.

Двајцата пријатели ја создале нумерата во Радио Скопје, некаде во 50-тите години.

Србо Ивановски работел како уредник во Телевизија Скопје. Член на Македонскиот ПЕН центар. Член на ДПМ од 1949 година. Бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија.

Ги објавил следните книги: Поезија – Лирика (1950), Желби и меѓи (поема, 1950), Средби и разделби (1953), Бели крикови (1956), Маѓепсан патник (1966), Пена од планината (1972), Прстен на времето (1993), Горчлив корен (1994), Челуст на времето (1996), Близу до животот близу до смртта (1998). Проза – Жена на прозорецот (раскази, 1955), Осамени (роман, 1957), Мартин Нуната (роман, 1979), Леонида трча окрвавен (роман, 1980), Кога тетин Клименте шеташе над градот(раскази 1982), Додека го чекавме Андреја (роман, 1990), Балада за исчезнатите(роман, 1994), Неподобниот (роман, 1997). Песни за деца – Сончево око и Босоноги пеперуги.

Добитник е на наградите: „Кочо Рацин“, „13 Ноември“ и „Стале Попов“. Српското издание на неговата книга песни „Маѓепсан патник“ во 1976 година ја доби наградата „Бранко Миљковиќ“.

Во продолжение слушнете ја „Елко, елко“ во изведба на  Елена , Ламбе, Орхидеја и Жаре Бербер: