Средба на министерот Османи со новиот шпански амбасадор Лосано Гарсија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ги прими копиите од акредитивните писма на вонредниот и ополномоштен амбасадор на Шпанија во земјава, Хосе Луис Лосано Гарсија.

 Како што информира МНР, шефот на дипломатијата Османи му посака успешна мисија на новиот шпански амбасадор, изразувајќи уверување дека со своето дипломатско искуство и личен ангажман ќе даде значаен придонес во унапредувањето на односите и доближувањето на двете држави.

– На средбата беше изразено заемно задоволство од динамичниот и континуиран политички дијалог меѓу Република Северна Македонија и Кралството Шпанија, можностите за продлабочување на економската соработка и поддршката во мултилатералните организации. Соговорниците разговараа за европските перспективи, регионалните предизвици, како и за внатрешнополитичките случувања во државата, информира Министерството за надворешни работи.

На средбата се разговарало и за одржувањето на Самитот на НАТО во Мадрид во јуни идната година. Тоа, наведува МНР, е одлична можност за  консолидација и зајакнување на политиките на Алијансата, но и за потврда на заедничките заложби кон градењето глобален мир и безбедност.

– Амбасадорот Гарсија искажа подготвеност да го продолжи градењето блиски релации преку континуирано зајакнување на соработката во сите сфери од заеднички интерес. Шпанија ќе продолжи гласно и активно да ја поддржува Северна Македонија на европскиот пат, упатувајќи порака дека неговата земја останува поборник за членство на земјата во Европската Унија, се наведува во соопштението на МНР.