Средба на министерката Шахпаска со градоначалникот на Гази Баба, Георгиевски: Одличната соработка која ќе продолжи и во иднина

 Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска се сретна со градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски со кого разговараше за досегашните, тековните и идни проекти на Општината и нивната заедничка соработка.

Министерството за труд и социјална политика информира дека во рамките на своите надлежности со Општина Гази Баба соработува на повеќе заеднички проекти како изградба на нови и реконструкција на постоечки градинки и нивно опремување со цел проширување на капацитетите за поголем опфат на деца во предучилишна возраст и обезбедување на подобри услови за престој на децата во нив.

Освен за градинките, на средбата се разговараше и за можностите за подобрување и проширување на капацитетите за згрижување на стари лица, преку изградба на нови домови за грижа на стари лица.  Притоа, се отвори и темата за потребата од  отворање на Дневен центар за лица со попреченост, што е од исклучително значење и неопходност  во секојдневното општествено живеење, се наведува во соопштението на МТСП.

На крајот на средбата соговорниците изразија подготвеност за продлабочена соработка и во иднина на проекти и активности кои се во нивна ресорна надлежност.