Средба Бочварски-Митровиќ: Преку размена на искуства до правилна урбнизација на просторот

Урбанизмот, инфраструктурата и процесот за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти, беа главна тема на разговор на денешната средба во Скопје на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски со делегацијата од Црна Гора предводена од министерот за екологија, урбанизам и просторно планирање, Ратко Митровиќ.

Како што информираат од Министерството за транспорт и врски, на средбата министерот Бочварски го запозна црногорскиот министер Митровиќ со Законот за урбанизам, како еден од реформските закони со кој се става во ред урбанистичкото планирање.

-Со Законот воспоставивме нови правила на вклученост, транспарентност, стручност и отчетност на сите чинители во процесот на изработување, донесување, спроведување и надзор над урбанистичките планови, што е чекор понапред во решавање на состојбите во урбанизмот, рече Бочварски.

На средбата се отвори и прашањето за дигитализација на процесот на издавање на градежните дозволи што се спроведува во земјава.

Двајцата министри се согласија дека соработката во делот на урбанизмот ќе продолжи и во наредниот период преку размена на искуства и решенија што се применуваат во двете земји.