Спречете го опаѓањето на косата

Копривата е една од најдобрите и најделотворните лековити билки. Целото растение е лековито, така што се користи и коренот, и листовите и семето.

Копривата е богата со разни корисни состојки, калциум, фосфор, железо, витамин Ц, А, Б2 и К, каротин, пантотенска киселина и др. Копривата е најпозната како средство за прочистување на крвта и зголемување на бројот на црвените крвни зрнца. Во народната медицина се користи и за други цели како регулирање на нивото на шеќер во крвта, против заболувања на јетрата, слезинката и жолчката, против грчеви и чиреви на желудникот, за белодробни заболувања, за лечење на болести предизвикани од вирузи и бактерии и т.н.

Копривата одлично делува на косата, го спречува нејзиното опаѓање и го поттикнува растот. Тинктурата од коприва посебно благотворно делува на секој тип на коса. Ако ја миете косата со чај од коприва, таа ќе биде убава и бујна, ќе го спречите паѓањето и прекумерното мрсење. 4 до 5 раце свежа или сува коприва се преливаат со 5 литра вода и се варат на тивок оган додека водата не зоврие. Се остава да стои 5 минути и потоа се користи за миење на косата. Ако се користи корен од коприва, една полна рака се остава да отстои во ладна вода преку ноќта, и наредниот ден се загрева на тивок оган додека водата не зоврие.

Потоа се остава да отстои десетина минути, па се мие косата. Користете благ и квалитетен шампон и на крај убаво измијте ја косата со чајот од коприва.

Исто така, одличен лек против опаѓање на косата ќе добиете и ако копривата ја смешате со жалфија и чичков корен. 25 г. коприва, 25 г. жалфија, 25 г. чичков корен се прелеваат со 3 литра вода и се варат додека водата не зоврие. Се остава да се излади, се прецедува и потоа се мие косата.

Можеби најпознатиот лек од коприва против опаѓање на косата е тинктурата од коприва и алкохол, која навистина дава одлични резултати. Се подготвува едноставно: 100 грама корен од коприва убаво се мие и се става да отстои во 1 литар ракија или 70% алкохол 8 дена. Шишето ставете го на сонце. После тоа се прецедува во друго чисто шише се додаваат неколку капки рицинусово масло. Масирајте го коренот на косата секој втор ден.