Справете се со лошиот секс во 8 чекори

Без оглед на полот, сите копнеат по сексуален акт исполнет со интензивна возбуда, кој дозволува партнерите целосно да му се препуштат на задоволството, бришејќи ги стресот и секојдневните проблеми, а зголемувајќи ги интимноста и меѓусебната љубов.

За жал, сексуалниот живот не е така розов во секоја врска. Додека едни уживаат во сексот, за други тој е само рутина, задача која треба да се исполни, а не позитивно искуство проследено со задоволство. Лошиот секс има сила да ја загасне страста, да ги сведе до нула слатките изјави како „Те посакувам“, а понекогаш и да ѝ стави крај на врската.

Многу жени страдаат во тишина, без да кажат ниту збор. Ако сте во таква ситуација, не бидете пасивни и следете ги посочените чекори со цел лошиот секс да го претворите во задоволство кое со нетрпение ќе сакате почесто да го обзема вашето тело.

  1. Пронајдете ја причината што ви го уништува сексуалното уживање. Секоја врска е различна, па наместо да се раководите од туѓите искуства, откријте го предизвикувачот на вашите сексуални проблеми. Размислете што ве спречува да уживате. Причини може да има многу, како:
    • Краткото време кое го издвојувате за интимни средби. Брзањето кај некои парови предизвикува поголема возбуда, но кај други има контра ефект.
    • Различните сексуални стилови. Ова е чест проблем, особено на почетокот на врската.
    • Лошата лична хигиена.
    • Стресот.
    • Ниската самодоверба. Многу жени не се задоволни од својот физички изглед, па поради тоа не можат да се релаксираат и да уживаат во сексот.
  2. Истражувајте го вашето тело и откријте како најдобро можат да бидат задоволени вашите сексуални потреби. Не заборавајте дека секоја жена има различни сексуални желби и потреби. Она што го зголемува либидото кај една, може воопшто да не функционира кај друга. Затоа, од суштинска важност е да го запознаете сопственото тело. Не срамете се да си ги допирате интимните делови и да мастурбирате. Само така ќе откриете како можете да стигнете до врвното задоволство, затоа што задоволството и неговата кулминација кај секоја жена доаѓа на различен начин. На пример, на некои жени им е потребна само вагинална стимулација, додека други не можат да достигнат до оргазам без стимулација на клиторисот; едни ги возбудува долга предигра, додека други со нетрпение чекаат да преминат на главното; едни ја сакаат мисионерската поза, други – кучешката...
  3. Зголемете си ја сексуалната самодоверба. Прифатете го своето тело такво какво што е и научете да уживате во него. Само откако ќе започнете да се чувствувате пријатно во сопствената кожа, ќе започнете и да верувате дека заслужувате подобар секс. Тоа ќе ви даде сила за следниот, можеби најтежок чекор.
  4. Разговарајте со партнерот за вашите сексуални потреби. Веројатно стопати сте слушнале дека вашиот партнер не е супер херој кој чита мисли. Па, ако не му кажете кои се вашите очекувања од сексот и како може тој да придонесе за да го подобри сексуалниот однос, тој нема како да дознае. Сите експерти се согласуваат дека искрената и отворена комуникација е клучна за добар секс. Сексот е чувствителна тема за разговор и неретко предизвикува чувство на срам, па партнерите најчесто решаваат да ја избегнат. Иако разговорот може да биде тежок, сексот е тема која мора да присуствува во разговорите со вашиот партнер. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да извлечете максимум од таквиот разговор:
    • Бидете конкретни. Кажете му на вашиот партнер конкретно што сакате, без да вртите одоколу. Ако сакате долга предигра, кажете му го тоа директно. Запомнете, нема да го добиете она што го сакате ако не го побарате.
    • Не бидете груби. Не треба да бидете остри. На пример, доколку причината за лошиот секс е непријатната миризба на телото на вашиот партнер, ќе биде грубо од ваша страна да кажете „Грозно мирисаш, оди истуширај се“. Наместо тоа, предложете да се истуширате заедно.
    • Не го започнувајте разговорот за време на секс или веднаш по сексуалниот чин. Тоа е време кога и двајцата сте најчувствителни, па поверојатно е да предизвикате дополнителни проблеми и да наидете на отпор.
    • Не го обвинувајте. Започнете го разговорот со „Би сакала да...“ или „Дали може да пробаме...?“. На тој начин вие ќе зборувате за вашите потреби и желби, без да обвинувате.
  5. Разговарајте за неговите желби и фантазии. Зборувајќи само за вашите желби, ризикувате да се претставите како себична личност. Посветете време за да ги откриете и неговите сексуални интереси. Кога тој зборува, слушајте внимателно без да заземате дефанзивен став.
  6. Истражувајте го неговото тело. Ако нему му е непријатно да зборува за причините за сексуалните проблеми со цел да не предизвика кај вас срам или непријатни чувства, сами откријте ги одговорите. Истражувајте го неговото тело, допирајте го на различни делови и обидете се да ги откриете сите негови ерогени зони. Додека сексуално го стимулирате, со заводлив тон испрашувајте го за неговите желби и следете ги знаците на неговото тело коишто го издаваат интензитетот на задоволство.
  7. Не се плашете да експериментирате. Ако и по разговорот сексот сè уште не се подобрува, добра идеја е да внесете нешто ново во него. Пробајте нови типови секс, нови пози, различни начини на сексуална стимулација, а ако е потребно, купете си и сексуални помагала. Сè во името на задоволството.
  8. Оставете го светот зад себе. Наместо постојано да си поставувате заморувачки прашања како „Што мисли за моето тело?“ или да се оптоварувате со непотребни мисли како „Леле, доцна е како ќе станам за на работа“, оладете го вашиот мозок. Потсетете се дека мозокот е важен сексуален орган и оставете ги грижите зад себе. Заслужувате мала пауза во која централно место ќе има вашата физичка љубов со партнерот.

Многумина се прашуваат дали лошиот секс може да биде доволно силна причина за да дојде до крај на една врска. Без залажување, одговорот е ДА. Не дозволувајте интимноста да исчезне од вашата врска поради вашата пасивност или вашата срамежливост.