Спот на косовскиот рапер Дон Џони снимен во „Македониумот“ отвори дебата: Уметност или несоодветно користење на историскиот простор?

Нов музички спот на познатиот косовски рапер Дон Џони, чиј дел е снимен во „Македониумот“ во Крушево, предизвика бројни реакции и отвори дебата на социјалните мрежи за тоа како треба да се користи овој историски и меморијален простор.

Во дел од видеото, „Македониумот“ е претставен како своевидна канцеларија и сценографија за спотот. Видеото веќе има повеќе од 4,3 милиони прегледи, а токму сцените снимени во Крушево станаа тема на дискусија во јавноста.

„Македониумот“, односно споменичкиот комплекс „Илинден“ во Крушево, е еден од најзначајните меморијални и архитектонски објекти во Македонија. Отворен е на 2 август 1974 година, по повод 71-годишнината од Илинденското востание и 30-годишнината од Првото заседание на АСНОМ. Делото на Јордан и Искра Грабул е посветено на борбата за слобода и државност и има силно историско, меморијално и архитектонско значење.

Токму поради оваа симболика, дел од реакциите на социјалните мрежи се критички и се сведуваат на ставот дека „Македониумот“ не треба да се користи како сценографија за ваков тип музички продукции.

Од друга страна, голем број корисници не гледаат ништо спорно во снимањето и сметаат дека реакциите се претерани.

Еден од коментарите што собра најмногу реакции гласи:

„Некој да ми каже што има лошо тука? Прекинете со тој селски национализам, алал да му е на детето... Дедо ми и баба ми живееја на Бит Пазар, сите соседи им беа Албанци, едни со други се чуваа повеќе од кој било друг.“

Со критика се огласи и оперскиот пејач Игор Дурловски, кој објави став на своите социјални мрежи во врска со снимањето на спотот, но објавата набргу потоа беше отстранета.

Случајот повторно го отвора поширокото прашање за границата меѓу комерцијалната и уметничката употреба на историските и меморијалните објекти – дали ваквите локации треба да бидат отворени за современи музички и визуелни продукции или, пак, нивната симболика бара построги критериуми за начинот на кој се користат.