Спортски викенд „Ние навиваме за Македонија“ во општина Илинден

По повод одбележувањето на патрониот празник на Општина Илинден “Илинден 2-ри Август“ и националниот празник на македонскиот народ, под мотото „Ние навиваме за Македонија“ на 21 јули (сабота) и 22 јули (недела) 2018 година, по 10-ти јубилеен пат ќе се одржи Спортски викенд „Илинден 2018“.

На оваа традиционална спортска манифестација се очекува да учествуваат над 700 спортисти кои ќе се натпреваруваат во повеќе спортови: велосипедизам, шах, баскет, тенис, атлетика-трчање, хокеј и голем фудбал.

И на овој јубилеен 10-ти Спортски викенд централен настан ќе биде традиционалната професионална велосипедска трка во должина од 100 километри „Трофеј Илинден 2018”, која што е влезена во календарот на велосипедски трки на Велосипедската федерација на Македонија и се бодува за купот на нашата земја. „Трофеј Илинден 2018” има интернационален карактер бидејќи настапуваат велосипедисти од повеќе држави.

Стартот на трката е закажан за 22 јули (недела) во 16:00 часот пред Спортската сала „Гоце Делчев“, каде што ќе биде и целта. Ќе се возат 4 круга низ населените места на Општина Илинден: Илинден, Марино, Ајватовци, Мршевци, Дељадровци, Текија, Миладиновци и Кадино. Патеката е кружна, а должината на еден круг е 25 километри.

Градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски како покровителот на Спортскиот викенд „Илинден 2018“, на најдобрите екипи и поединци ќе им додели соодветни награди, пехари, медали, маици…