Спортски викенд „Илинден 2017“ се одржа во Општина Илинден

Како дел од одбележувањето на патрониот празник на Општина Илинден “Илинден 2-ри Август“ и националниот празник на македонскиот народ, Општина Илинден успешно го реализираше 9. по ред Спортски викенд „Илинден 2017“.

На оваа традиционална спортска манифестација учествуваа над 700 спортисти кои се натпреваруваа во повеќе спортови: велосипедизам, шах, баскет, тенис, атлетика, хокеј и голем фудбал.

Централен настан на Спортскиот викенд беше професионалната велосипедска трка во должина од 100 километри „Трофеј Илинден 2017”, која што е влезена во календарот на велосипедски трки на Велосипедската федерација на Македонија и се бодува за купот на нашата земја.

Велосипедистите возеа 4 круга низ населените места на Општина Илинден: Илинден, Марино, Ајватовци, Мршевци, Дељадровци, Текија, Миладиновци и Кадино, а должината на еден круг беше 25 километри. Како вовед во главната трка се одржа рекреативна велосипедска трка во должина од 5 километри, во која учествуваа голем број граѓани од сите возрасти.

Покрај многу силниот шаховски турнир на кој настапија 40 шахисти, особен интерес предизвикаа натпреварите во атлетика на кои учествуваа над 250 ученици, младинци и дечиња од градинката „Гоце Делчев“ кои му дадоа посебен белег на ова натпреварување.

Во рамките на „Спортскиот викенд се одржа и ревијален натпревар меѓу екипата на ѕвездите на македонскиот фудбал од редовите на нашите најтрофејни клубови Вардар и Работнички, на чија клупа седеше популарниот Никола Илиевски – Џиџи и екипата на Општина Илинден.

Покрај редовните турнири во баскет и тенис, годинава за прв пат во рамките на Спортскиот викенд „Илинден 2017“ се одржа ревијален натпревар во хокеј на ролерки на кој учествуваа повеќемина репрезентативци на Македонија.

Покровителот на манифестацијата, градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски, на најдобрите екипи и поединци им додели соодветни награди.