Спортски спектакл во Кисела Вода: 580 дечиња го означија почетокот на Државното првенство на Плазма Спортските игри за млади

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска сподели дека имала огромна чест и задоволство да ги пречека 580-те најдобри млади спортисти од четирите региони во Македонија, кои денес на плоштадот „Расадник“ испратиле една порака: спортот е единствената алка што обединува!

Децата се натпреварувале во десет спортски дисциплини: Coca-Cola Cup 2011, мал фудбал, баскет 3х3, ракомет, одбојка и одбојка на песок, атлетика, народна топка, пинг-понг, тенис и шах.

„Горда сум што токму Кисела Вода е домаќин на Државното првенство на „Плазма Спортските игри за млади“ и што овде се создадоа првите наши претставници кои ќе нѐ гордеат на меѓународната завршница во Сплит, каде од 17 до 22 август ќе имаат можност да се натпреваруваат и да се дружат со своите врсници од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Словенија. Овој настан се одржува пред комплетно реновираната сала „Расадник“, која од руина ја претворивме во репрезентативен спортски храм. Ова е само дел од нашата континуирана мисија – интензивно инвестираме во изградба на нови и обнова на постоечките спортски сали во сите наши училишта, бидејќи спортот е најмоќната алатка за правилен развој на секое дете“, истакна градоначалничката.

Меѓу другото Стаменкоска Трајкоска упати искрена благодарност до премиерот Христијан Мицкоски, до министерот за спорт Борко Ристовски за неговото присуство и поддршка, до претседателката на „Плазма Спортските игри за млади“, Елена Мицковска, како и до Владата на Република Македонија и Федерацијата на училишен спорт.

„Нашата порака до децата е јасна: натпреварувајте се, дружете се и уживајте, затоа што вие сте идните шампиони во кои ние веруваме“, порача таа.

Стаменкоска Трајкоска им ги додели пехарите и медалите на најдобрите екипи во рамките на Coca-Cola Cup 2011:

Женска конкуренција:

  • 1. место: „Тигрици“ (Прилеп);
  • 2. место: Њу Старс (Кичево);
  • 3. место: „Лозово“ (Велес);

Машка конкуренција:

  • 1. место: Сарај;
  • 2. место: Арсенал;
  • 3. место: „Царина во напад“ (Кратово);