Директорот на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, Данијел Апостоловски, и претседателката на Специјалната Олимпијада на Македонија, Моника Бошкоска, денеска потпишаа Меморандум за соработка, со кој лицата што се дел од Специјалната Олимпијада ќе имаат можност да ги вршат своите подготовки во овој спортски центар.
„Спортистите ја заслужуваат целосната поддршка од институциите и ние сме должни да одговориме на предизвиците, сè со цел да придонесеме за развој на нови спортски атлети,“ напиша Апостоловски на социјалните мрежи.
Со оваа соработка се обезбедуваат подобри услови за тренинг и развој на спортистите од Специјалната Олимпијада, со што се потврдува заложбата за поголема инклузија и поддршка на лицата со посебни потреби во спортот.