Споредувањето со другите е лоша идеја: 7 причини кои ќе ви покажат зошто тоа нема смисла

Споредувањето со другите е нешто за што сме сите криви. Се споредуваме со другите некогаш дури и несвесно. Во тоа и тоа како ни помагаат и социјалните мрежи и времето кое го поминуваме на нив.

За ова нема целосно да ги обвинуваме друштвените мрежи затоа што споредувањето постои и пред Инстаграм и Тик Ток, но не толку интензивно колку што го има денес. Социјалните мрежи „ни помогнаа“ да мислиме дека сме погрди, помалку успешни или помалку интересни од другите. Споредувањето со другите може да биде и добро сѐ додека е во рамките на нормалата и додека не ви стане опсесија. Лошо е ако се претера и ако споредувањето стане опсесија. Овие 7 добри причини ќе ви покажат зошто споредувањето не е добра идеја.

Се споредувате со верзијата што ја гледате на социјалните мрежи а не со реалната верзија на таа личност

Една работа што треба да ја имаме на ум е дека ниту една личност не претставува 100% од себе на социјалните мрежи. Ќе покаже дел од себе, а другото ќе остане приватно и никогаш нема да го видите. Затоа нема смисла да се споредувате со таа личност. Вие всушност не се споредувате со неа, туку со нејзината верзија која може но и не мора да биде вистинска и реална.

Беспотребно губење време и енергија

Споредувањето со другите е губење енергија. Зошто да се фокусираме на другите а не на себе? Зошто да седите, да листате на Инстаграм и да бидете љубоморни на другите? Каква корист имате од тоа? Одговорот е дека вие од тоа ништо не добивате, немате никаква полза, а правецот во кој најчесто се движи целата ситуација – љубомора.

Лоша навика која ве прави несреќни

Споредувањето е лоша навика која не ви треба и од која треба да се ослободите на време. Тоа само ќе ве направи несреќни и незадоволни. Зошто би сакале да си правите тоа?

Сите сме различни

Една многу важна работа која треба секогаш да ни биде на ум е дека сите сме различни. Имаме различни тела, различни животи, различни вештини и немаме ист број години. Да се споредуваме со некој кој е сосема спротивен од нас не е добра идеја затоа што колку и да се трудиме, нема да успееме да бидеме како него. Од тоа нема да добиете баш ништо, освен една голема фрустрација.

Ги игнорирате своите уникатни вредности и вештини

Баш затоа што сме сите различни, сите имаме нешто во што сме добри и по што сме посебни. Со споредувањето со другите и со фокусирањето на нивните квалитети, забораваме и ги игнорираме сопствените квалитети. Каква штета!

Колку и да се трудите, никогаш нема да бидете таа личност – ти си ТИ

Ти си ти, а таа е таа. Никогаш нема да можете да бидете ТАА колку и да се трудите. Животот на таа личност е многу повеќе од тоа што вие го гледате за неа. Освен ако не ја познавате приватно, не знаете како всушност изгледа нивниот живот. Дури и да ја познавате, зошто би сакале да бидете копија или некој друг. Ти како ТИ си сигурно генијален, само треба да ги пронајдете своите вредности и вештини.

Да бидете некој друг нема да ве направи среќни

Мислите дека ќе бидете посреќни ако станете како личноста со која се споредувате? Ги гледате само позитивните работи, но има и негативни. Тоа не ви ја гарантира среќата. Секогаш мислиме дека некаде на друго место е поубаво и дека нешто друго е подобро.