Според принципот на автошколи: За летање дрон ќе мора да полагате

На 1 јануари, во Македонија стапи на сила новата Уредба на Владата за условите за летање на воздухоплов без екипаж, која, меѓу другото, предвидува секој што сака да лета дрон, ќе мора да полага и да има дозвола за тоа.

Од Агенцијата за цивилно воздухопловство за СДК велат дека ова ќе се регулира според принципот на автошколи, но засега не е познато кога ќе почнат да се издаваат првите дозволи.

-Вистина е дека Македонија во моментов нема школски центри за летање дронови, но тие ќе се отворат во скоро време. За летање дрон ќе се полага според принципот на автошколи. Секој што е заинтересиран и исполнува одредени услови ќе добие овластување од Агенцијата за цивилно воздухопловство да отвори школски центар за авијација. Исто така, Агенцијата ќе дава овластувања и за инструктори кои ќе ги спроведуваат обуката и полагањата, а потоа останува на тие приватни школи сами да ги утврдат цените, велат надлежните од Агенцијата за цивилно воздухопловство, негирајќи дека ќе се позајмува кадар од соседните земји.

Со новата Уредба, дозвола ќе мора да се има и за комерцијални летови на дрон и за спортски активности и рекреација. Планираните активности ќе мора да се најават во Агенцијата минимум 24 часа порано, дрон ќе може да се лета само дење и со него нема да смеат да управуваат малолетни лица.

-Во Македонија никој нема официјална дозвола за летање дрон, никој нема положено и големо искуство, па како тогаш ќе може да држи обука и да спроведува тестови и полагање. Во Македонија нема никаква евиденција колку и какви дронови има, нема статистика, стручен кадар и едукација, а се воведува закон. Со оваа уредба сите дронови ќе мора да се пријават и регистрираат во Агенцијата за цивилно воздухопловство, дури и оние што се купени во продавница за 1.200 денари и потоа ќе смеат да се летаат само на Стенковец, велат од Аерофото.мк.