Според грчкиот нон-пејпер: Македонија се обврза на спомениците да стави натпис дека се тие симболи на грчката култура

Ќе има размена на споменици или Македонија ќе мора на спомениците во Скопје да додаде написи на кои ќе се дообјаснува дека се работи за симболи на грчката култура.

Ова го пишува во нон-пејперот за кој грчки медиуми објавија дека денеска грчката влада го дистрибуира по амбасадите во Атина, како еден вид толкување по денешната согласност меѓу грчкиот и македонскиот премиер за договорот за името, пренесува МКД.мк.

„Нашите соседи веќе го сменија името на аеродромот, нивниот автопат и нивниот стадион. Ќе има замена на споменици со општината Солун или ако размената не се спроведе, договорот предвидува дека соседната земја ќе стави натписи на спомениците и статуите за да стане јасно дека тие се симболи на грчката култура (на пример на спомениците на скопскиот плоштад ќе има натписи со објаснување дека се работи за симболи кои се однесуваат на хеленистичкиот период и на пријателството меѓу Грција и Македонија)“, пишува во точка 13 од овој неофицијален документ.