Споменикот „Воинот на коњ“ на плоштадот „Македонија“ ќе оди курбан за Законот за јазиците?

Споменикот Александар Македонски, официјално “Воинот на коњ” на плоштадот “Македонија”, деновиве повторно крена прашина во јавноста откако се поинтензивно на социјалните мрежи се лиферуваат информации дека тој ќе биде урнат во најскоро време, пренесува Вечер.

Има и најави дека тоа ќе се случи во наредните часови или денови и тоа преку ноќ за, наводно, да се сврти вниманието на јавноста и на мала врата да се протне законот за двојазичност?! На социјалните мрежи кружи и слика на споменикот, а притоа се повикани сите оние кои не го поддржуваат неговото уривање, да ја споделат… Дури има и повици да се поделат граѓаните по градови за да дежураат пред споменикот, со цел да го одбранат од уривање.

Споменикот на Александар Македонски е еден од објектите од проектот “Скопје 2014” кои се предмет на истрага за законитоста на објектите од спорниот проект, што ја води комисијата при Министерството за култура на чело со архитектот Мирослав Грчев.

Официјална потврда за дислокација, сепак нема. Ниту од Министерството за култура, ниту од Градот, пак, не потврдија дека се подготвува уривање на споменикот или дека тоа, евентуално, би се случило во наредните часови или денови.

-Елаборатот за ‘Воинот на коњ’ е предаден уште пред три месеци на надлежните институции со сите наши забелешки и за нас како работно тело оваа работа е завршена. Во моментот се работи на собирање на документација за други предмети, така што немам никакви информации за некакво уривање на споменикот во текот на наредните денови, изјави за “Вечер” Грчев, координатор на работното тело за ревизија на проектот “Скопје 2014# при Министерството за култура.

Тој во повеќе наврати во јавноста истакнуваше дека, според негово мислење, овие споменици треба да бидат урнати или дислоцирани бидејќи, како што вели, биле подигнати спротивно на Уставот и законите.

-Работното тело дава само препораки, а одлуките ги донесуваат извршните органи. Отчетноста, пак, поточно она што стои во препораките може да го каже само надлежното министерство. Моето лично мислење е дека сите споменици и градби направени спротивно на Законот и Уставот треба да бидат отстранети, бидејќи со нивното градење му е одземена надлежноста на Собранието. Овдека не се работи за неправилности, туку за тешки нарушувања на важечките закони и затоа ние треба да укажеме, а надлежните институции да си ги спроведат надлежностите според законот, кажа во една од претходните изјава за “Вечер” Грчев, според кого 90 отсто од спомениците од проектот “Скопје 2014”, се дивоградби.

воВо Општина Центар не потврдуваат уривање на фонтаната и ја префрлаат топката  Град Скопје.

-Немаме таква информација дека деновиве ќе се урива овој споменик. Во моментов сите објекти од проектот “Скопје 2014″ се разгледуваат, а јавноста ќе биде известена доколку такво нешто се преземе”, изјави за “Вечер” портпаролот Ваљон Салиу од Град Скопје.

Со ист став се и од Министерството за култура од каде ни посочија дека работната група се уште работи на подготвување на елаборатите за сите објекти од проектот, како и на утврдување на законитоста. Оттаму посочија дека се работи за шпекулации.

Министерот за култура Алаѓозовски, исто така, во неколку претходни наврати посочи дека нема да се врши уривање на спомениците преку ноќ и на сила и дека јавноста ќе биде навреме известена за нивните потези. Сепак, Ќосето минатиот месец беше симнат од постаментот пред комплексот судови во раните утрински часови.