Спектакл во Скопје: Настап на гардиските единици и воените оркестри на македонската Армија и кралската гарда на Норвешка на плоштадот „Македонија“

Во рамки на активностите за одбележување на тридеценискиот јубилеј и одличната меѓуармиска соработка на Армијата на Република Северна Македонија со Вооружените сили на Кралството Норвешка денеска на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје, голем број граѓани имаа можност да присуствуваат на настап на кралската гарда на Кралството Норвешка и на баталјонот за почести на Армијата на Република Северна Македонија, заедно со воените оркестри.

– Настапот на гардиските единици беше проследен и од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и началникот на Вооружените сили на Кралството Норвешка, генерал Ејрик Кристоферсен, државниот секретар во МО, Драган Николиќ, амбасадорот на Кралството Норвешка, Јорн Еугене Гјелстад, генералите во Армијата, припадници од Министерството за одбрана и Генералштабот и од Амбасадата на Кралството Норвешка, информира Министерството за Одбрана.

Кралската гарда на Норвешка важи за една од најпознатите кралски гарди во светот и е една од најголемите единици во Вооружените сили на Кралството Норвешка. Изведбите на кралската гарда на Кралството Норвешка се меѓу најпосетуваните секаде каде што имале свој настап.

Како дел од заедничката соработка, во концертната сала на Македонската филхармонија во Скопје, воениот оркестар при кралската гарда на Кралството Норвешка вечерва ќе одржи едночасовен самостоен концерт на кој генералите Ѓурчиновски и Кристоферсен, припадници од Армијата, Министерството за одбрана и други гости од воено дипломатскиот кор ќе имаат можност да проследат повеќе нумери на кралскиот оркестар.