Спасовски: Врвен приоритет на сите министри е функционирање на институциите и владеење на правото и демократијата (ДПЛ)

Сите постапки на секој член на извршната власт мора јасно да потврдат дека Владата и државата се во сигурни раце, изјави денеска на прес-конференција премиерот Оливер Спасовски, нагласувајќи дека секој политички чин на членовите на владиниот кабинет во сите линии на хиерархијата треба да произлегува од одговорноста со цел сите граѓани да бидат спокојни.

– Нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога се очекува непречено функционирање на сите институции на државната власт. Ова е период во кој до максимален израз треба да дојде личната, институционалната и професионалната одговорност и да се даде најдобриот придонес за доброто на граѓаните и за развојот и напредокот на Северна Македонија, рече Спасовски.

Тој истакна дека врвен приоритет на сите министри во актуелната Влада, без исклучок, е да обезбедат континуитет на функционирањето на институциите, на владеење на правото и на демократијата и да се отвори максимален простор за демократска волја на граѓаните да учествуваат во изборот на нова легитимна влада, која ќе продолжи да ја води земјава  на вистинскиот пат како членка на НАТО и идна членка на Европската Унија.

Спасовски нагласи дека сите услуги на граѓаните ќе бидат испорачани во целост, на време и непречено, независно дали станува збор за субвенциите за земјоделците, помошта на социјалните категории на граѓани, покачувањето на платите во јавниот сектори или услугите на администрацијата.

Според Спасовски, земјава мора да организира избори што доликуваат на една европска демократија во согласност со меѓународните стандарди.

Премиерот додаде дека нашата земја се препознава како едно праведно општество за сите, па затоа мора да се одржи тој континуитет на вредностите кои суштински придонесуваат за изградба на модел на заедничко општество за сите граѓани.

– Од нашата аспирација за остварување на овие стратешки цели, произлегуваат и вредностите што треба да ги одредуваат сите наши постапки во претстојниот период. Високата, европски обоена политичка култура, е една од тие вредности. Нашата земја се порепознава како успешен модел што го унапреди концептот за развој на едно, еднакво и праведно општество за сите. Треба да бидат вложени сите напори да се одржи тој континуитет и афирмација на вредностите што се суштински придонес за меѓуктулурно реазвирање и соработка, посочи Спасовски.

Тој оцени дека нашиот модел ги надминува и географските граници на нашата земја и поттикнува широк дијалог во регионот за разбирање и надминување на старите штетни стереотипи.

– Сите политички партии, секој наш граѓанин, сите општествени институции, сите заедно мораме да го дадеме сопствениот придонес против говорот на омраза и да се обединиме во широко прифатениот општествен консензус – нула толеранција за говорот на омраза – и ништо помалку. Ние, во нашата колективна култура, имаме традиција на толеранција и прифаќање на различностите. Тоа треба постојано да се негува и да се внимава на предизвиците. И во овој преоден период до изборите, Владата ќе ги продолжи политиките со кои Северна Македонија се гради како држава на сите граѓани што живеат во неа, истакна Спасовски.

Спасовски посочи и дека слободните медиуми се украс на секоја европска демократија.

– Медиумите кои известуваат независно, непристрасно и професионално се гарант на развојот на демократијата во општеството и чувар на слободната мисла и сите новинари и медиумски работници треба да уживаат максимална заштита и слобода. Го осудуваме секое насилство и говор на омраза против новинарите и медиумските работници. Институциите се должни секој напад врз интегритетот на новинарите да го истражат, докажат и санкционираат, рече премиерот.

Цел и на актуелната Влада, додаде тој, е создавање медиумски простор за непристрасно и објективно информирање на граѓаните, бидејќи само вистински информирани граѓани може слободно да донесат одлука за иднината на својата држава.

Спасовски потсети на стандардите поставени со организацијата на локалните избори во 2017, на референдумот во 2018 и на претседателските избори во 2019, кои не смеат да бидат нарушени и кои ќе бидат водилка и за организација на изборите закажани за 12 април оваа година.

– Особено е значајно граѓаните да бидат мотивирани да учествуваат во демократскиот изборен процес во колку што е можно поголем број, да имаат поттик да гласаат на изборите и да веруваат во изборниот систем. Граѓаните се носители на демократијата. Тие ги носат одлуките, тие, и никој друг!, потенцира премиерот Спасовски.