Спасовски: Со новата набавка ќе има за 6 до 30 отсто поевтина храна за полициските службеници

Не постои ништо спорно од било каков процедурален и законски аспект во јавната набавка која е направена со операторот „Индустри сервис“ кој ќе не снабдува со храна. Таа е направена врз основа на економска анализа и оправданост која е основа за да се распише било каква јавна набавка за храна, односно за оператор кој ќе не снабдува со храна, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

-Економската анализа покажа оправданост заради тоа што станува збор за рамковна спогодба што значи дека не треба да ја искористите до крај проценетата вредност, туку толку колку што имате потреба. Ќе нема вработени во МВР кои ќе вработат во кујна, туку вработени од компанијата, постои банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на работите и постои осигурителна полиса за секој корисник на овие мензи – доколку нешто се случи да биде наплатена штета, рече Спасовски во одговор на прашање поставено на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.

Прецизира дека операторот ќе треба да направи и градежни активности со цел да се исполнат ХАСАП стандардите, како и да набави нови маси, столици, прибор за јадење и чинии, како и да служи храна само кога ќе има потреба за тоа.

– Ако до сега, во Центарот за обука, кога нема кандидати на обука, сме имале вработени за кои се исплаќа плата, се троши греење, електрична енергија, сега ќе нема таков трошок кога ќе нема кандидати. Односно, нема да има нарачка на храна и нема да има трошоци. Анализата покажува дека оброкот сега и оброкот добиен со цената на оваа јавна набавка во Полицискиот центар Ѓорче Петров на два анализирани оброци по мени ќе има помала цена од 6 до 9 проценти, додека во Центарот за обука, заради периодот во кои не се работи, цената ќе биде и до 30 проценти помала, посочи Спасовски.

Во цената на еден оброк, како што рече, не влегува само набавената храна, туку и пијалаците, марендата, електрична енергија која сега ќе ја покрива операторот, вработените на кои се исплаќаат плати и придонеси, како и чистењето на објектите.

Посочи дека не е вистина оти за првпат се дава објект за исхрана на МВР на приватна компанија која треба да снабдува некоја единица и додаде дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ објектот надвор од касарната Илинден кој беше земен под закуп за таму да биде служена храната на специјалната единица Тигар цело време бил со оператор од надвор.

-За цело време на 12-годишното  владеење на ВМРО-ДПМНЕ имаше склучено договор со кафеана од Скопје, не со фирма која е задолжена за тоа, без никакви стандарди, гаранција и осигурување на корисниците на храна ако се случи да имаме труење со храна или било што, рече Спасовски.

Сега, како што кажа, таму е направена нов објект за исхрана во кругот на касарната.

-Може да разговарате со полициски службеници да видите кава исхрана имало претходно и каква има сега и да кажат дали се задоволни или не. Истото тоа може да го направите и кога ќе почне операторот да работи во Центарот за обука и во Полицискиот центар Ѓорче Петров, порача Спасовски.

Истакна дека е точно оти во мандатот во кој тој раководи со МВР се обновени кујните по најсовремени стандарди и тоа не само кујните, туку целосно се реновирани 78 објекти по најнови стандарди за заштита на животна средина и енергетска ефикасност.

-Не само што се реконструирани, туку во изминатите шест години се изградени и два нови објекти од стратешко значење за МВР едниот во Прилеп и другиот сега новиот Форензички центар. Остануваат уште две кујни кои треба да се реконструираат и најверојатно ќе се направи тоа зашто се работи за угостителските објекти на МВР, рече Спасовски.