Спасовски на увид на реконструираниот објект на ОВР Гевгелија

Не можеме да претендираме на позитивни резултати во работата, на ефикасност и успешност, доколку полициските службеници своето секојдневно работење го минуваат во супстандардни услови, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски откако изврши увид на реконструираниот објект на ОВР – Гевгелија, проект вреден околу 12.000.000 денари, средства од буџетот на МВР.

Непосредната комуникација во работењето на Одделението за внатрешни работи, на секторите за внатрешни работи, на полициските станици, но и во материјално техничките капацитети на сите организациони единици во МВР, потенцира тој, е важна и неопходна практика што се реализираме и овде во ОВР – Гевгелија.

– Проект вреден од околу 12 милиони денари, пари обезбедени од наши средства, од буџетот на Министерството, а во рамки на концептот што го промовиравме и во континуитет го реализираме уште од 2017 година за подобрување на материјалните, инфраструктурните и техничките потенцијали на полициските организациони единици и на полициските службеници, истакна министерот Спасовски.

Тој информира дека градежните работи врз овој објект биле започнати на 14 октомври 2020 година и се завршени за краток временски период независно од временските услови и од пандемијата КОВИД -19 и тоа во дадениот рок на 30 декември 2020 година.

– Со оглед дека добар дел од објектот на ОВР Гевгелија беше во доста амортизирана и оштетена состојба, што беше делумна пречка во професионалното извршување на работните задачи и на активности на вработените во оваа полициска организациона единица, а во архивските записи со кои располагаме немаме податок за последно реновирање, интервенции или вложување во самиот објект, денес можеме да бидеме горди на тоа што имаме уште еден обновен технички модернизиран објект целосно во функција на професионалните потреби на сите наши колеги од Гевгелија, нагласи Спасовски.

Тој најави дека и во наредниот период МВР продолжува да работи со несмален интензитет, односно дека во Куманово веќе се врши целосна и темелна реконструкција и обнова на постоечките објекти каде што е сместен Секторот за внатрешни работи, потоа комплетна реконструкција и санација на објектот на Одделението за внатрешни работи во Ресен и на полициското одделение во Ростуше, како еден од клучните приоритети.

– Остануваме посветени заедно и со раководството на Македонскиот полициски синдикат и наш заеднички императив ќе бидат започнатите реформски приоритети и процеси во безбедносниот сегмент, а тоа е постојано подобрување и унапредување на професионалните, социјалните, техничките услови за работа на полициските службеници на тој начин што во секој нов објект Синдикатот учествува со опрема или со средства коишто се потребни за секојдневното работење на полициските службеници за што сме убедени дека заедно значително ќе се унапреди ефикасноста и квалитетот на полициските работници, рече министерот Спасовски.

Според него, многу е важно да има добра соработка помеѓу Синдикатот и раководството на МВР, таа да биде на принципиелни основи, да биде партнерски и секогаш кога има проблеми да се решаваат преку дијалог, но и заедно да покажат дека им значи подобрувањето на условите на полициските службеници.

Министерот за внатрешни работи Спасовски највуви дека Министерството ќе остане посветено на јакнење на соработката и со локалната самоуправа и градоначалникот со цел, како што рече, безбедноста на Гевгелија на биде на едно повисоко ниво. Тој посочи меѓу другото дека и сега има навистина добри и задоволителни резултати на подрачјето на ОВР Гевгелија.