Спасовски на средба со претставници на Макам-транс, дијалогот носи решенија

На средбата е разговарано за актуелни прашања во врска со транспортната дејност, во генералното функционирање и во услови на здравствено-економската криза...

Премиерот Оливер Спасовски, придружуван од заменичката на претседателот на Владата, задолжена за економски прашања, Мила Царовска, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, министерката за финансии, Нина Ангеловска и министерот за економија Крешник Бектеши, се сретна со претставници на МАКАМ-ТРАНС, Асоцијацијата на здруженија на работодавачите на превозните трговски друштва, предводени од генералниот секретар на МАКАМ-ТРАНС, Биљана Муратовска.

На средбата е разговарано за актуелни прашања во врска со транспортната дејност, во генералното функционирање и во услови на здравствено-економската криза.

Претставниците на транспортерите ги пренесоа искуствата и предизвиците за работата во услови на кризата, коишто се поврзани и со промените начини на функционирање во европските земји и во светот.

Од страна на премиерот и на претставниците на Владата беа објаснети мерките што може да бидат од помош на работодавачите на превозните трговски друштва, како што се бескаматните кредити и мерката за 14.500 денари по вработен, како поддршка за фирмите погодени од кризата.

На состанокот е констатирано дека последиците од кризата ги чувствуваат сите: граѓаните, фирмите, сите сектори во државата, како и дека во вакви услови е важна солидарноста од сите страни, со цел надминување на тие последици во претстојниот период.

Разговарано е и за други тековни прашања во транспортната дејност, за што е договорено продолжување на соработката со формирање работни групи што ќе ги земат предвид ставовите на сите засегнати страни.

На средбата е оценето дека дијалогот е тој којшто носи решенија, за што е изразена волја и од двете страни.