Министерството за внатрешни работи разгледува, анализира и обезбедува докази и информации за нови аспекти кои произлегуваат од истрагата за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски за кој осомничени се пет лица, меѓу кои првоосомничен е Љупчо Палевски – Палчо, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Спасовски во гостување денеска во емисијата „Слободен печат“ на Слободна ТВ, рече дека МВР максимално посветено ќе постапува за се што Јавното Обвинителство ќе побара од нив. Тој додаде дека во истрагата за Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, МВР следело стандардни оперативни процедури.
-Истрагите во двата случаи се почнати и водени според сите стандардни оперативни процедури од моментот на пријавата, па се до целосно расчистување. Морам да кажам дека полицијата ефикасно, многу брзо и посветено работеше на целиот овој случај.
Според Спасовски ова е сериозна трагедија која не смее да биде злоупотребена за политички цели кои не придонесуваат за целосно расчистување на случајот.Тој уште еднаш се осврна на лажните вести кои и нанесуваат штета на самата истрага. Како пример ги посочи шпекулациите дека дека сета полиција била ангажирана за Министерскиот самит на ОБСЕ и подвлече дека крим полицијата и одделот за насилен криминал биле максимално ангажирани во потрагата по Вања.
-Тоа го кажав и сега уште еднаш укажувам, таквите шпекулации се тенденциозни бидејќи ангажманот на полицијата не престанува со организација на еден настан, ангажманот на полицијата за ОБСЕ беше под директно водство на одделот што се занимава со таа активност, а тоа е одделот за заштита на определени личности и објекти, да со помош на одделот за организиран криминал, воздухопловни единици, сообраќајната полиција, но сите други сегменти си функционираа нормално. Така што во другиот случај, одделот за насилен криминал, крим полицијата беа максимално ангажирани во потрагата по Вања, изјави Спасовски