Спасовски: Квалитетно едуцирани полициски службеници се основа за успешно функционирање на МВР

Kвалитетната едукација на полициските кадри, постојаното надградување на поединечните знаења и искуства, независно за кои организациони единици станува збор, претставуваат, меѓу другото, едни од базичните претпоставки за успешно и динамично реформирање на министерството во целина, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при денешната посета на Центарот за обука на МВР.

Истовремено тие, во оперативен смисол, се есенцијални за поефикасно, стручно и професионално работење на сите припадници на министерството.

„Токму Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи е онаа клучна алка, важна во системското функционирање на министерството, во доменот на образованието и образовната надградба и специјализација. Оттаму сметам дека е од особена важност Центарот како организациона единица да го добива третманот што го заслужува, а во интерес на негово натамошно етаблирање како кредибилна, стручно и организациски оспособена единица во рамки на Министерството за внатрешни работи“, рече Спасовски. Покрај бројните едукативни активности што се спроведуваат овде, Центарот за обука на МВР во соработка со Полицискиот тренинг центар од Сегед, Унгарија по добивањето на заедничкиот грант од ФРОНТЕКС за прокетот “Зголемување на ефикасноста на граничните полициски мерки во земјите од Западен Балкан“ ќе бидат за првпат носители на регионален проект со кој ќе се промовира унифицирано, компатибилно и усогласено постапување, со Шенген курсеви за обука, а преку развивање на заедничка наставна програма, профилирање и скрининг. Тоа е мошне значаен стручен инпут на контото на Центарот кој активно партиципира и во низа други билатерални, регионални и меѓународни стручни, експертски образовни проекти и иницијативи.

Во моментов, во Центарот за обука се реализира едногодишна обука за полицаец за избраните 550 кандидати за полициски службеници од класата 2018/2019 година. Обука која што се одвива во три образовни модули на теоретско и практично образување на идните наши полициски службеници.

-За мене, односно за актуелното раководство на МВР, образовниот статус и едукација на полициските службеници е императив, впрочем и затоа сме денес овде, меѓу другото, уште еднаш јасно да ја демонстрираме таа наша заложба и поддршка, и ќе бидеме и натаму максимално отворени за сите предлози, идеи, иницијативи за натамошно унапредување на Центарот и негово трансформирање во модерна, по европски терк, стручно-образовна полициска институција“, рече Спасовски.

Министерот Спасовски и медиумите денеска присуствуваа на неколку часови во Центарот за обука и имаа можност да видат на кој начин се спроведува обуката на кандидатите за полициски службеници од класата 2018/2019 година.